Во идниот стратешки план под итно треба да се измени организационата поставеност на судовите и обвинителствата, со што точно ќе се знае колку кадри имаме и колку ќе бидат потребни, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, зборувајќи на првиот Панел на денешната конференција „Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022): Достигнувања, научени лекции и препораки“, што се одржа денеска во Скопје во организација на Блупринг групата.
Со тоа, според Јолевски, ќе се избегне да имаме како сега судови во подрачја со шест-седум илјади жители, каде нема предмети и нема никаков интерес, а од друга страна има судови кои се преоптоварени.
– Затоа треба да се промени таа мрежна поставеност и во таа стратегија, во Законот за јавно обвинителство и Законот за судови да се променат тие судови и обвинителства. Со тоа, барем јас лично мислам, ќе се придонесе концентрација на кадрите во места каде има повеќе потреба, изјави Јолевски.
Во однос на забелешките од скрининг процесот во Брисел за работата на Советот на јавни обвинители, Јолевски рече дека се однесува на транспарентноста и делот на изборот и унапредувањето на јавните обвинители.
– Се бара од нас да има образложеност на одлуките во делот на изборот и на разрешувањето. Забелешките за изборот и унапредувањето беа зошто не се дебатира, па ние во новата Стратегија треба тоа да го подобриме. Можеби би требало да размислиме за давање на некакво образложение во самата одлука, за да можат самите кандидати да утврдат и се уверат дека изборот бил непристрасен и според мерит систем. Во овие два правци беа забелешките во Брисел, изјави Јолевски.
Одговарајќи на новинарско прашање што според Советот на ЈО би требало да содржи новата стратегија, Јолевски рече дека таа треба да се допрецизира и да се направи ревизија, односно измена на Законот за јавни обвинители.
– Ние ќе предложиме, бидејќи сметаме дека со новата реформа 2023 – 2027 би требало да биде опфатена ревизија на сите закони, односно донесување на нови закони, дали ќе бидат изменувани или ќе бидат целосно менувани, тоа ќе зависи од законодавецот, ама и ние самите предлагаме бројни решенија, бидејќи со новиот Закон за ЈО се одзедоа многу надлежности на Советот. Укинато ни е упатување на обвинители, укинати ни се многу работи кои ги имаше Советот. Сега се доведовме во функција на набљудувачи, изјави Јолевски.
Тој, исто така, посочи дека и при претходната измена на Законот биле вклучени во делот на изготвување, но нивните предлози не биле преточен во законскиот текст.