Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, изрази загриженост поради искривување на темата за проширување на ЕУ, особено во однос на Република Северна Македонија. Во гостување на емисијата „Брисел 1“ на „Bulgaria ON AIR“, Јотова рече дека се создава погрешен наратив кој го сведува прашањето на билатерален спор меѓу Скопје и Софија.
„Постои тенденција процесот на проширување на ЕУ да се претстави како билатерално несогласување. Некои европски партнери, вклучително и комесарот Кошта, зборуваат како Бугарија да го кочи процесот поради билатерални проблеми“, изјави Јотова.
Таа речиси половина од интервјуто го посвети на односите меѓу двете земји, обвинувајќи ги европските лидери за формирање на погрешен наратив. Според неа, геополитичкиот притисок за забрзано примање на нови земји-членки е огромен и носи сериозни ризици.
„Стравувам дека без вистински реформи новите членки ќе внесат дополнителни проблеми во ЕУ, која и сега се соочува со предизвици“, предупреди таа.
Овие критики на Јотова доаѓаат непосредно пред тридневната официјална посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Бугарија.
Во продолжение, Јотова потсети дека од 2022 година постои европска политика за ова прашање, воспоставена преку преговарачката рамка усвоена од Советот на ЕУ. Таа објасни дека таа рамка, дел од францускиот предлог, ги обврзува двете страни да ги почитуваат протоколите и европското законодавство.
„Ова не е политика само на Бугарија. РСМ мора да ги исполни критериумите утврдени со европското законодавство ако сака да ги почне преговорите со ЕУ“, додаде Јотова.
За време на посетата, Кошта и бугарскиот премиер Димитар Жељазков ќе разговараат за европската одбрана, војната во Украина, миграцијата и процесот на проширување на ЕУ.
Кошта, кој досега повеќепати нагласуваше дека интеграцијата на Западен Балкан е политички приоритет за Унијата, во мај ќе ја посети и Македонија. Паралелно, земјава ќе ја посети и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас.