Неизвесноста околу економските изгледи за годинава за нашите најважни странски партнери, според него, ќе биде присутна и понатаму, особено за Германија од каде не доаѓаат добри проекции.

Одредени елементи на кризата ќе бидат присутни и оваа година. Инфлацијата нема да исчезне туку така, минималната плата сега ќе се зголеми, целата структура на плати ќе отиде нагоре и ќе видиме каков ефект ќе има тоа, рече потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Зоран Јовановски, на денешниот Економски форум Скопје.

-Некои меѓународни институции веќе ја ревидираа и проекцијата за македонската економија за надолен раст. Во такви околности останува предизвикот што ќе се случува со јавните финансии, дали ќе се остварат планираните буџетски приходи и ако не се остварат какви можни чекори ќе се воведат – ќе се кратат капитални расходи или ќе се воведуваат нови фискални оптоварувања за приватниот сектор, рече Јовановски.

Тој посочи и дека домашните компании членки на комората и во услови на криза не направиле масовно отпуштање на работниците.

-Во услови кога имате голем пораст на трошоците, сакате да ги израмните вашите биланси, не можете тој трошок да го префрлите на крајните потрошувачи, не можете да ги зголемите приходите по други основи и ви останува да скратите некои од другите расходи. Она што е важно е што македонските компании и во околности на криза не направија масовно отпуштање на вработени значејќи колку е тешко да се најдат квалитетни работници. Продолжија и во услови на криза да ги реализираат своите инвестициски проекти, рече Јовановски