Заработката од извозот на нафта и гас на Русија се намали за речиси 40 отсто во јануари, бидејќи ограничувањата на цените и санкциите од Запад ги намалија приходите од најпрофитабилниот извоз на Москва, соопшти Меѓународната агенција за енергетика.

Руските приходи од извозот на нафта и гас биле 18,5 милијарди долари во јануари, што е за 38 отсто помалку од 30 милијарди долари што Москва ги доби во јануари 2022 година, еден месец пред инвазијата на Украина, според податоците на ИЕА, според Фена.

Извршниот директор на ИЕА Фатих Бирол рече дека западните мерки насочени кон извозот на руската енергија ги постигнале целите за стабилизирање на нафтениот пазар и намалување на приходот на Москва од извозот на нафта и гас.

ЕУ го забрани увозот на руска нафта

„Нашите очекувања се дека овој пад на приходите од нафта и гас ќе биде позначаен во наредните месеци. И уште поголем пад во наредниот период, како резултат на недостигот на пристап до технологија и инвестиции“, изјави Бирол за Ројтерс.

Европската унија од 27 земји, исто така, го забрани увозот на руска нафта од декември и воведе санкции за извозот во Русија на технологии потребни за преработка на нафта. Ограничувања за увозот на руска нафта воведоа и САД и Велика Британија.

Москва се потпира на приходите од нафта и гас – околу 11,6 трилиони рубљи (154,68 милијарди долари) минатата година – за финансирање на буџетските трошоци и беше принудена да започне со продажба на меѓународните резерви за да го покрие дефицитот зголемен со инвазијата на Украина.