Во Кичево ќе се гради претоварна станица по сите светски стандарди, а не депонија, појасни денеска градоначалникот Александар Јовановски.

Одговарајќи на новинарски прашања по извршениот увид на неколку капитални проекти заедно со премиерот Христијан Мицкоски, нагласи дека многу е важно граѓаните да знаат оти претоварната станица ќе биде хортикултурно уредена, заградена, асфалтирана, ќе нема отпадни води и загадување на почвата, ниту ѓубре.

– Она ѓубре што на дневна основа ќе се собира, сметот од градот, ќе се претовара во поголеми камиони и ќе се изнесува во регионалната депонија во Новаци. Значи тука произлегуваат проблемите со нашето население – или не ни веруваат, или не можат да сфатат дека навистина ние почнуваме европски да функционираме и дека навистина нема да претрпат никаква штета, ниту средината, ниту пак населението со тоа што ќе го направиме на некоја локација, претоварна станица. Значи тоа е мое ветување, ветување на Владата, дека тоа ќе биде остварено по сите светски стандарди, подвлече Јовановски.

Премиерот Мицкоски го повтори ветувањето дека регионалната депонија во Новаци ќе биде завршена.

– Проектот за изградба на регионална депонија во Новаци од никаде повторно го создадовме на самиот почеток и тој проект е прилично доста во напредна фаза. Претоварна станица локација се бираше овдека во Кичево. Најдена е таква локација, се работи со сопственикот на замена на земјиште во државна за приватна сопственост и откако тоа ќе се направи, тогаш ќе имаме готова претоварна станица. Од Министерството за животна средина и просторно планирање ќе продолжат со изградба на проектот регионална депонија во Новаци којшто ќе го опфати целиот Југозападен регион, подвлече Мицкоски.