Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отворило истрага по допрен глас за тендерите за надзорот на автопатите, а има и други предмети, но не може да се соопштуваат детали во јавноста, изјави вечерва републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, во „Топ тема“ на „Телма“.
Тој одговараше на забелешките дека во работата на ова обвинителство недостасуваат резултати во борбата против високата корупција, што е една од најкрупните забелешки и во извештаите на Стејт департментот.
Јовески тврди дека станува збор за сложени предмети и дека голем дел од доказите треба да се обезбедат во сложени постапки кои траат долго.
„Процесите ќе се отворат тогаш кога ќе се обезбедат доказите“, вели тој.
Во однос на предистрагата по допрен глас за надзорот над „Бехтел и Енка“ во изградбата на автопатските коридори и сомнежите за корупција, државниот обвинител изјави дека веќе се преземале одредени чекори, се бараат одредена документација и други доказни материјали од институциите.
Сепак, Јовевски изјави дека не може да соопшти повеќе детали за тоа што досега се работи за овој случај.
Во однос на работата на новиот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, Јовески оцени дека тој бил добро познат во обвинителските кругови и очекува дека ќе има резултати.
„Има повеќе предмети отворени, повеќе предмети се пред крај и во скоро време јавно ќе ги кажеме. Има и за високи функционери, во тоа обвинителство има оформени предмети, истраги, предистраги и против актуелни функционери, но исто така и против поранешни функционери“, рече Јовевски.