Владата го заобиколила Јавното обвинителство во измените на Кривичниот законик. Државниот обвинител, Љубомир Јовески, вели законот, донесен е набрзина и без побарано мислење. Усвојувањето во брза собраниска постапка, според државниот јавен обвинител било волја и проценка на политичарите, пренесува Сител.

„Владата, во постапката на донесување закон, а исто така и собранието, овој закон не го достави на мислење до надлежниоте институции. Веројатно, сметале на итноста на донесувањето на законот. Како што е познато, тој закон беше донесен и во една скратена постапка со европско знаме, што значи дека некој во политиката проценил дека е потребно итно донесување на тој закон и всушност така и беше донесен законот“, изјави Љубомир Јовески, Јавен обвинител.

Обвинителството засега не знае колку предмети ќе застарат со ублажување на казните за злоупотреба на службената положба. Јовески вели најголем дел од случаите ги работат скопското и обвинителството за гонење на организиран криминал корупција. Обвинители имале задача да ги спасат предметите.

„Обвинителството кон овие предмети ќе однесува така што она што ќе може да се спасува, да се спаси ако има основи и ако има докази за изрекување на конфискација бидете уверени дека тој дел обвинителите ќе бараат имот да биде конфискуван. Немаме ние како обвинителство бројки, статистика колку предмети од овие ќе застарат, колку ќе се прекфалификуваат во друго кривчно дело и каква судбина ќе имаат предметите. Мислам дека нема да застарат многу предмети, веројатно во определени предмети ќе се појави проблемот на преквалификација на кривичното дело од еден во други став, изјави Јовески.

Според Јовески, за обвинителите не е сеедно што предметите за кои вложиле огромен труд се исправени пред застарување заради измени во законите.

“Како обвинител непријатно е чувството вие да работите повеќе години во еден предмет, бидејќи во определени предмети станува за навистина сложени предмети, за кои се обезбедувани докази и со меѓународна правна помош, вложена е голема енергија од страна на обвинителитеи и сега тие предмети или тие дејствија треба да се преквалификуваат како полесни кривични дела или во еден број на случаи тие дејствија да застарат “, вели Јовески.

Претходно, и Судскиот совет информираше дека не бил прашан за мислење околу планирани измени во кривичниот законик.