Граѓаните кои живеат во околината на Јавното Претпријатие Дрисла утринава ги разбуди чад и смрдеа кој доаѓал од депонијата. Во Дрисла утринава околу 4 часот избувна пожар кој најпрво започнале да го гаснат од претпријатиено, а на помош им се приклучиле и неколку противпожарни возила. Пожарот беше локализиран околу 8часот и 30 минути утринава, а од Јавното претпријатие тврдат дека е подметнат.
„Ситуацијата е ставена под контрола од страна на вработените на Дрисла со помош на пожарникарски служби, пожарот е изгаснат и претпријатието продолжува со редовни активности. Од страна на полицијата направен е увид и записник и истата ќе постапува согласно своите ингеренции. Воедно ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство детално да го истражат случајот и сторителите да бидат најдени и соодветно казнети, а против лицата кои шират лаги и дезинформации за депонијата Дрисла, од страна на претпријатието ќе бидат покренати соодветни постапки.”
Но, густиот чад утринава од Дрисла пак, ги загрижи локалните жители дека е канцероген, а на социјалните мрежи се отвраат сомнежи дали се пали нешто нелегално.
ЈП Дрисла побара од одредена група на граѓани да не шират дезинформации дека депонијата го загтозува здравјето на граѓаните, бидејќи како што велат- тие се единствена санитарна депонија во државата која работи согласно А – интегрирана дозвола и своите активности ги изврува според закон.
Ова не е прв случај граѓаните да се жалат од депонијата. Пред две недели излегоа на протест жителите од селото Батинци и оние кои живеат во околината на депонијата предупредувајќи дека се зголемил бројот на нивни сограѓани кои се заболени од рак и белодробни заболувања, а сметаат дека причина за тоа е јавното претпријатие. Побараа или да се затвори депонијата или да се осовремени по европски стандарди.
И вчера Државниот инспекторат за животна средина изврши надзор, откако во Маркова река, која тече близу депонијата, беше пријавено од жители на селото Батинци дека е загадена со кафеаво-црна течност. Земени се мостри и инспекторатот треба да истражи дали Дрисла е виновна за загадувањето на реката.