ЈСП Скопје уште еднаш ја повикува Владата да донесе одлука за субвенционирање на работењето на претпријатието со оглед на зголемените цени на енергенсите во државата.
– ЈСП Скопје е јавен сервис на сите граѓани на Скопје, ги опслужува сите и сега не е момент да се играат политички игри, туку е момент да се реагира. Оваа криза бара вклучување на сите чинители во нејзино разрешување. Со оглед на тоа што е прогласена кризна состојба поради состојбата во енергетиката на располагање се многу механизми како може да се помогне на ЈСП, oдносно на граѓаните, стои во соопштението на ЈСП Скопје.
Тие наведуваат дека врз основа на член 9-а став 6 од Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, Владата може да донесе одлука за отстапување на нафтени деривати без надомест на Град Скопје, а за потребите на ЈСП Скопје, како што било случај во 2020 година, кога гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС било отстапено за потребите на ЈСП Скопје.
– Врз основа на досегашната практика за намалување на ценовниот шок, ова може да се примени и во случајов кога имаме драстично покачување не само на цената на електричната енергија, туку и на цените на метанот. Побаравме вчера и да се иницираат промени во Законот за енергетика за да може на Регулаторна комисија да и се даде можност за одредено регулирање на цената на метанот во кризни ситуации. Во делот на метанот во моментов на пазарот нема конкурентност и поради тоа кога има големи флуктации на цените на светски берзи голем број претпријатија имаат проблеми да обезбедат рентабилност во работењето, се додава во соопштението.