Пол Погба се соочува со суспензија од две до четири години доколку истрагата го прогласи за виновен откако и вториот тест покажал прекумерно ниво на тестостерон. Но и до пресудата, која веројатно ќе значи и крај на неговата професионална кариера, Погба ќе мора да се соочи со сериозни последици.

Француски „Лекип“, пишува дека Јувентус решил речиси целосно да му ја замрзне платата. Погба има договор од 8.000.000 евра годишно, но торинскиот клуб ќе му плаќа само 42.000, односно 3.500 евра месечно.

Покрај тоа, Јувентус му забрани на Погба пристап до терените за тренинзи, па дури и контакт со вработените во клубот.

Погба сезонава одигра само 51 минута како резерва на натпреварите против Емполи и Болоња. Во текот на минатата сезона одигра 108 минути во шест првенствени настапи, со уште неколку настапи во Купот и Лига Европа.

Откако пред една година се врати во Јувентус како слободен играч, повредите го спречија да му помогне на клубот и да настапи на Светското првенство во Катар.