Јужна Кореја денес соопшти дека планот на Јапонија за ослободување на прочистена радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима ги исполнува глобалните безбедносни стандарди и е во согласност со упатствата на надзорното тело на ОН што го одобри.

Јапонија планира наскоро да почне со испуштање во океанот повеќе од милион тони прочистена радиоактивна вода, која досега беше складирана во нуклеарна централа северно од Токио и главно се користеше за ладење на реакторите уништени во цунамито во март 2011 година.

Јапонија се соочи со отпор кон таков план и дома и во странство, особено во Јужна Кореја, и покрај уверувањата дека водата, откако ќе се филтрира за да се отстранат повеќето изотопи, е безбедна.

Но, јужнокорејскиот министер Банг Мун-кју денеска изјави дека врз основа на повторното испитување на јапонскиот план, може да потврди дека концентрацијата на радиоактивен материјал е таква што овозможува испуштање на пречистената вода во океанот.

„Планот ги исполнува меѓународните стандарди, вклучително и оние пропишани од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)“, рече министерот.

Повикувајќи се на МААЕ, јужнокорејскиот министер рече дека водата ќе има „незначително радиоактивен ефект врз луѓето и животната средина“.

Во проценката на штетите учествуваа експерти од 11 земји, меѓу кои и експерти од самата Јужна Кореја, САД и Кина.

Но, јужнокорејската опозиција ја критикуваше владата дека се согласила со планот и смета дека таа требало да го изведе случајот пред Меѓународниот трибунал за право на морето.

Покрај тоа, кинески експерт кој учествуваше во проценката рече дека е разочаран од „избрзаниот“ извештај и се очекува дека Пекинг ќе продолжи да се спротивставува на планот.

Иако Јужна Кореја даде согласност да ја испушти оваа вода во океанот, забраната за увоз на храна и морски плодови од регионот каде што се наоѓа Фукушима сè уште останува на сила.

Контаминираната вода беше третирана со методот ALPS преку систем за филтрирање кој го отстрани најголемиот дел од радиоактивниот материјал. Сепак, не постои практичен начин да се отстрани тритиумот, радиоактивен изотоп на водород.

Тритиумското зрачење, кое има полуживот од 12,3 години, може да биде опасно по здравјето, но Јапонија тврди дека радиоактивни дози во водата ослободена од Фукушима ќе бидат помали од една четириесеттина од меѓународните безбедносни стандарди, што е една седмина од количина која Светската здравствена организација (СЗО) ја постави како стандард за вода за пиење.

Речиси 1,3 милиони тони загадена вода, доволна за полнење на 500 олимписки базени, моментално се складирани во огромни резервоари во нуклеарната централа Фукушима по цена од речиси една милијарда долари годишно.

Експерти од компанијата TEPCO која управува со нуклеарната централа и владата на Јапонија потврдија дека од радиоактивната вода не може да се отстрани само тритиум, кој во мали количини, по планираното разредување, нема да биде штетно за животната средина и за здравјето на луѓето.

Несреќата во Фукушима се случи на 11 март 2011 година, по силниот земјотрес со јачина од 9 степени и цунамито.