Министерството за надворешни работи на Јапонија ги објави добитниците на Пофалницата на Министерот за надворешни работи за 2026 година. Меѓу наградените е професорот Ташко Ризов од Македонија, поранешен претседател на Асоцијацијата на ЏАЈКА алумни во земјата.
Признанието му беше врачено во Скопје на 28 октомври од страна на јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара. Наградата се доделува за неговиот долгогодишен придонес во унапредувањето на пријателските односи меѓу Јапонија и Македонија, како и за посветеноста во промоцијата на меѓународната соработка, академската размена и активностите на Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЏАЈКА).
„Професорот Ризов со својот долгогодишен ангажман претставува прекрасен пример за тоа како искуството на еден поединец со Јапонија може да прерасне во долгогодишна соработка, пријателство и значајни врски меѓу луѓето и институциите. Неговото патување со Јапонија започна пред 17 години преку програмата за обука на ЏАЈКА. Тоа искуство стана почетна точка на однос со Јапонија кој продолжи да се развива и да се продлабочува низ годините“, изјави амбасадорката Кавахара.
Ризов учествуваше во програмата за обука на ЏАЈКА насловена „Промоција на почисто производство во Југоисточна Европа“ во 2009 година. Како претседател на Асоцијацијата на ЏАЈКА алумни во Македонија во периодот од 2018 до февруари 2026 година, тој работеше на зајакнување на мрежата на поранешни учесници во програмите за обука, поттикнувајќи соработка, размена на искуства и реализација на нови иницијативи.
„На 26-годишна возраст, штотуку вработен како помлад наставен соработник на Факултетот, бев номиниран од Националниот центар за почисто производство да присуствувам на 40-дневна обука во Китакјушу, на островот Кјушу. Тоа прво искуство ми овозможи не само да се запознаам со најсовремените еколошки и индустриски практики, туку и со извонредната филозофија на посветеност, прецизност и меѓусебна соработка што го карактеризира јапонското општество“, истакна Ризов.
Со ова признание, Министерството за надворешни работи на Јапонија ја истакнува улогата на поединците кои преку професионалниот и општествен ангажман придонесуваат кон меѓународните партнерства и меѓусебното разбирање.
