Од неговиот кабинет за Канал 5 само кусо одговорија дека поранешниот претседател останува на истиот став да не дава изјави во јавноста по било кое прашање. Сепак, неговиот наследник, претседателот на СДСМ, Заев, верува дека најавите за враќање на Црвенковски на политичката сцена се приказни и шпекулации.

-Претседателот Црвенковски не може да биде друго освен СДСМ, тоа ни е јасно на сите и затоа не верувам во вакви приказни кои што се пуштени во јавноста дека тој ќе формирал нова партија. Тоа не е точно, но дефинитивно треба да го прашате него. Тој е еден од основачите на СДСМ, беше премиер, претседател, наш општественик. Шпекулациите се присутни заради тоа што во Охрид се најавува нова листа од наши докажани социјалдемократи,истакна Зоран Заев – премиер и претседател на СДСМ.

Иако неколку години поранешниот претседател е далеку од очите на јавноста, во ноември минатата година го замрзна членството во СДСМ поради несогласувања со официјалните ставови на Заев и партијата за македонско-бугарските односи и историјата, за што оттаму му возвратија дека Црвенковски е историја.

Повлекување од заменик-претседателската функција во СДСМ неодамна најави и Шеќеринска, но со објаснување дека дава шанса за нови кадри, а дилеми во јавноста предизвика и разрешувањето на директорот на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, кој беше назначен на позицијата од владејачката партија.

Во пресрет на локалните избори пак во Охрид долгогодишни партиски активисти формираат независна листа во Советот на општината.

Од СДСМ негираат дека ваквите случаи се одраз на поделби на партијата на повеќе крила и уверуваат дека партијата е обединета.