„Кај и да си за Бадник и Божиќ дома да си!“, е познатата изрека посветена на овие празници како симбол на славата на раѓањето на животот, семејната заедница, љубовта , приврзаноста и светлината во душата на луѓето.
Затоа, за време на овие големи празници членовите на семејството се собираат во домот и заедно прославуваат на свечената празнична трпеза.
Бадник
Бадник е последниот ден од божикниот пост, а името го добил по дабовото гранче – бадник, кое се сече на тој ден, се внесува дома и се пали. Велат Бадник значи Будник и затоа треба таа ноќ да се остане буден за да се дочека раѓањето на Спасителот.
Иако славењето на празникот се разликува од регион до регион, сепак во Североисточниот регион постојат заеднички елементи врзани за прославувањето на Бадник – бадниковите гранчиња, коледарските песни богатата славска трпеза, лепчето со паричка, бадниковите огнови, поврзани со обичаи за плодноста, вегетацијата, здравјето и среќата на семејството.
Некаде се уште се оди по бадник во блиската шума, во рана зора, со него се украсуваат влезовите на куќите, а вечерта се палат во огништето, натопени со црвено вино. Во последно време почесто се оди по осветени бадникови гранчиња во црквите или тие се делат на градските плоштади каде се собираат луѓето заеднички да го прослават раѓањето на Исус Христос.
Рано изутрината на Бадник, децата во групи одат по куќите и пеат „Коледе леде, паднало греде…“, а домаќините им даваат ореви, јаболка, бонбони, ситни парички и други подароци.
Најсвечениот чин од славењето на овој празник е бадниковата вечера. Таа секогаш е посна, но богата и свечена. Се подготвува лепче со паричка, наречено кравајче, посна сарма, грав, риба, зелник, овошје и слично.
Пред да се започне со вечерата, домаќинот го внесува бадниковото гранче во домот и вели „Добро вечер и среќна ви Бадна вечер!“, а домаќинката одговара „Добровечер Бадњаче!“. Потоа, дабовото гранче се полева со црвено вино и се пали во огништето. Некаде се пали и темјан со кој се „закадуваат“ сите соби во домот за здравје, среќа и долговечност.
Највозбудливиот дел од вечерата е делењето на лепчето и барањето на паричката. Најпрвин домаќинот или домаќинката делат од лепчето за Господ, за куќата, добитокот, а понатаму за сите членови од семејството по возраст, од најстариот до најмладиот. На оној на кој ќе му се падне паричката се верува дека ќе има среќа и пари во годината што тукушто започнала. На среќникот сите му даваат паричка и го благословуваат да има здравје, среќа и богатство.
Бадниковата вечера, по обичај не се раскрева и се остава да стои до утредента. Овој ритуал е е поврзан со верувањето дека ноќта ќе дојде Господ и ќе се нахрани.
Постарите кумановци велат дека славењето на Бадник некогаш се разликувало од денес. Тие се сеќаваат дека некогаш се прославувало поскромно, но со многу љубов и посветеност заради Христовото раѓање.
На тогашната трпеза на Бадник имало повеќе видови на лепчиња кои ги месела домаќинката. Биле во различна форма и големина, наменети за одредени членови на семејството, добитокот или за целото домаќинство. Се подготвувале „кравајчиња“ т.н. бисаги и куклички. Бисагите биле во вид на осмица за машките деца, додека пак куклите на кои им се правел фустан и им се обликувало лице, биле за женските дечиња. Потоа, имало погача која била наменета за добитокот, како и „вечерњак“ кој се украсувал со вилушка, лепче со паричка, зелник со праз, испечена блага печенка, сарма и посен грав, а за пиење само црвено вино и греана ракија. Исто така, се вареле и сливи кои народски биле познати како „воќки“, кои претходно биле берени, сушени, а потоа нанижувани на конец и чувани за Бадниковата трпеза.
Вечерата, пак, се служела на земја во слама или на креденче. На трпезата била ставана и свеќа и крстена водичка, а јадењето било сервирано во железни чинии, гравот во грне. Домаќинот внесувал гранче бадник, а пред вечерата била кажувана молитва. Потоа, заедно со лебот кој бил наменет за добитокот, се кружело трипати околу шталата и по малку им се давало на сите животни. На оној на кого ќе му се паднела паричката се сметало дека ќе биде најздрав во текот на годината, а со тоа и дека ќе се грижи за сите останати во куќата.
Во денешно време се практикува и палење на бадникови огнови по маалите или на градските плоштади каде се собираат граѓаните на кои им се дели топла ракија, чај, риба и заеднички се наздравува. Но, црквата смета дека ова е пагански обичај кој не треба да се практикува, па во повеќе градови ова традиција почнува да се одбегнува.
Божиќ
Божиќ е највесел празник кој треба да се помине во кругот на семејството и заеднички да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Исус Христос, во топлината на семејниот дом. Според црковниот календар, се празнува три дена. Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.
Уште од рана зора на првото божиќно утро се слушаат ѕвона од сите православни цркви, луѓето се облекуваат свечено и одат во црква на литургија. На овој ден завршуваат и божиќните пости, а оние кои постеле одат на причеста во црквата. Луѓето се отпоздравуваат со зборовите „Христос се роди! Навистина се роди!“. Насекаде се чувствува радоста и веселиот дух кој ги обзема луѓето по повод на раѓањето на Исус.
Многу е важно и кој прв ќе ви влезе на Божиќ во домот да ви честита, односно како што велиме во нашите краишта „кој ќе не полази“. Сите посакуваат тоа да биде младо машко дете или момче како симбол на здравје, сила и благодет. Во некои краеви „полазникот“ ја отвора вратата од огништето, го распретува огнот и изговара желби за радост, бериќет и напредок. Домаќините богато го даруваат и му возвраќаат со исти желби.
Божиќ е првиот мрсен ден по повеќенеделниот пост, кога се подготвува богата трпеза и мрсна храна. Обично се подготвува печено свинско, калорични салати, торти, слатки и се наздравува. Се прави и свечена погача која се украсува и се става на средина на трпезата. Порано во погачите се ставало и семе од дрен за здравје, семе од грав, пченка, пченица и делови од бадникот.
Постојат верувања дека се што правите на овој празник ќе правите во текот на целата година, па затоа луѓето обично ги прават оние работи кои си ги посакуваат. На овие големи празници се верува и дека не смеете да се карате и тепате, треба да простите, да се смирите со скараните и да ширите љубов и радост.
Божиќните обичаи речиси секаде се исти, а сите ги живеат деновите на симнувањето на Господ меѓу луѓето и неговата огромна љубов и жртва за спас на човечкиот род.
Блесокот на светлината го отвора небото во тивката ноќ, а ангелскиот восклик одѕвонува со надеж и радост со зборовите:
„Слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!
Среќни Божиќни празници!!!
Христос се роди!
Навистина се роди!