Каја Калас во официјална посета на Македонија: ЕУ посветена на Западен Балкан

Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, денеска престојува во официјална посета на Република Македонија. Тоа е дел од нејзината тридневна турнеја низ Западен Балкан.

Посетата има за цел да ја потврди посветеноста на ЕУ кон стабилноста, безбедноста и европската перспектива на регионот. Посебен фокус ќе има на безбедносната соработка и поддршката за македонските институции.

Средби со државниот врв и заедничка прес-конференција

Калас ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со членовите на Владата, по што ќе следи заедничка прес-конференција. Главни теми на разговорот се европските интеграции, регионалната стабилност и приоритетите на Европската унија во областа на надворешната политика и безбедноста.

Отворање на дијалогот за безбедност и одбрана

Заедно со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисајловски, Калас ќе учествува на официјалното отворање на дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија. Настанот ќе се одржи во Министерството за надворешни работи во 14 часот. Тоа е дел од Партнерството за безбедност и одбрана потпишано во ноември 2024 година.

Овој дијалог претставува значаен чекор во продлабочувањето на соработката со ЕУ во безбедносната архитектура и е поддржан преку низа проекти и донации од Европскиот мировен фонд (ЕМФ).

Посета на Балканската медицинска наменска сила и презентација на донации

Во 14.30 часот, Калас и министерот Мисајловски ќе го посетат седиштето на Балканската медицинска наменска сила (БМНС) во касарната „Илинден“. Тука ќе се сретнат со претставници на Постојаната организација на БМНС. Ќе присуствуваат на презентација на дел од опремата набавена со средства од Европскиот мировен фонд.

Европската унија досега има одобрено три пакети поддршка за Македонија преку ЕМФ, во вкупен износ од 38 милиони евра. Средствата се наменети за набавка на воена опрема и обука во области како што се логистика, разузнавање, инженерство, електронско војување, мобилност, комуникации, медицинска поддршка и теренски болници. За Балканската медицинска сила, издвоени се дополнителни 6 милиони евра.

Средба со младите во Јуроп Хаус

Како дел од посетата, Калас ќе се сретне и со млади луѓе во Јуроп Хаус, каде што ќе разговара за улогата на младите во европските интеграции, демократијата и безбедноста во регионот.

Ова е втора посета на Калас на Западен Балкан откако ја презеде функцијата. Во април годинава таа ги посети Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, а пред Скопје беше во Белград и Приштина.

Извор: Република