Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека обединувањето на Северна Ирска и Република Ирска би било „фантастична работа“ и „големо признание за сите“. Тој ставот го изнесе за време на средбата со ирскиот премиер Михол Мартин на имотот Фармли во Даблин, а подоцна го повтори и во резиденцијата на американскиот амбасадор.

На прашањето на новинар за неговото мислење за ирското обединување, Трамп одговори: „Како би можело тоа да биде лошо?“.

Потоа се сврте кон Мартин, кој седеше до него, и рече дека ирскиот премиер би можел да помогне процесот да биде придвижен.

„Разговараме за тоа, а вие го имате вистинскиот човек овде кој би можел да го придвижи процесот. Но, да, мислам дека тоа би било фантастична работа“, изјави Трамп.

Тој подоцна дополнително го нагласи својот став во обраќањето во резиденцијата на американскиот амбасадор, каде што се осврна на новинарското прашање за обединувањето на Северна Ирска и Република Ирска. Трамп оцени дека новинарите, барем кога станува збор за него, со секое прашање се обидуваат да му наместат стапица.

„Морате да разберете дека со новинарите – барем кога станува збор за мене – секое прашање е стапица. Тие секогаш се обидуваат да ви наместат стапица, прашувајќи: ‘Што мислите за обединувањето на Северна Ирска и Ирска?’ Мислам дека дадов добар одговор. Утре ќе читаме за тоа“, рече Трамп.

Според него, тоа е едно од прашањата на кои нема добар одговор, без разлика што ќе се каже и на каков начин ќе биде формулирано.

„Тоа е едно од оние прашања на кои, без разлика што ќе кажете или колку добро ќе го кажете, нема добар одговор, нели? Има четири или пет такви – би можел да набројам и други, но нема да ве охрабрувам. Сепак, тоа беше едно од тие прашања. Всушност, реков дека, искрено, тоа би било многу одлична работа. Мислам дека би било одлично“, додаде американскиот претседател.

За време на средбата со Мартин, Трамп изјави и дека односите меѓу Ирска и САД „никогаш не биле толку добри како сега“. Ирскиот премиер го опиша како свој пријател и рече дека уште од почетокот имале одличен однос.

Трамп подоцна треба да отпатува во своето одморалиште за голф во Дунбег, во округот Клер, каде што се одржува турнирот „Ириш опен“.

Британскиот премиер Енди Бурнам претходно годинава предизвика политичка дебата на островот Ирска, откако изјави дека референдум за обединување „не доаѓа предвид“.

Според одредбите на Белфастскиот договор, односно Договорот од Велики петок од 1998 година, британскиот министер задолжен за Северна Ирска е должен да распише референдум за нејзиниот статус доколку процени дека мнозинството гласачи би го поддржале обединувањето. За да се спроведе уставната промена, за обединување мора да гласаат и граѓаните на Република Ирска.