Бахреин нема да учествува на разговорите меѓу Иран и земјите од Персискиот Залив, закажани за понеделник во Оман. Средбата треба да биде посветена на отворањето на Ормуска Теснина, која повеќе од шест месеци е под иранска блокада.
Од Министерството за надворешни работи на Бахреин соопштија дека кралството нема да присуствува на средба со Иран сè додека не бидат обновени дипломатските односи меѓу двете земји.
„Бахреин нема да учествува на ниту една средба на која присуствува Иран, пред да бидат обновени билатералните дипломатски односи“, порачаа од Министерството.
Официјален Техеран вчера најави дека средбата со претставници на земјите од Заливот ќе се одржи во понеделник во Оман. На разговорите треба да се разгледува прашањето за Ормуска Теснина.
„Целта на оваа средба е да се поттикне подобро разбирање меѓу земјите од регионот и да се придонесе за зајакнување на заедничката регионална безбедност“, се наведува во соопштението на иранското Министерство за надворешни работи.
Од Техеран додадоа дека на разговорите ќе учествуваат Ирак и други земји што имаат излез на Персискиот Залив.
Бахреин, пак, побара да биде загарантирано слободното минување на бродовите низ Ормуска Теснина, без дискриминација, наплата на такси или барање дозволи.
