Второто и почетокот на третото тримесечје се клучни за организација

Експерти за родителство и педијатрија препорачуваат идните родители навреме да започнат со подготовка на домот за доаѓањето на новороденчето.

Според нивните совети, планирањето може да почне уште во второто тримесечје од бременоста, додека поинтензивните подготовки и уредувањето на просторот е најдобро да се направат во раната фаза од третото тримесечје, пишува магазинот „Парентс“.

Сертифицираната бабица и експерт за породување Ерика Полсон, основач на „Нуртеа“, вели дека второто тримесечје е најсоодветен период за почетно планирање.

„Второто тримесечје обично носи повеќе енергија и поголема ментална јасност, што го прави процесот на планирање помалку стресен и полесен за идните родители“, изјави Полсон.

Таа додава дека во третото тримесечје домот треба постепено да се приспособи за да стане функционален и мирен простор за семејството.

„Прераното започнување со подготовките може да предизвика емоционално оптоварување, како и непотребно купување работи кои можеби воопшто нема да бидат потребни“, додаде Полсон.

Основни потреби и безбедност во домот

Експертите пак посочуваат дека не постои „предоцна“ подготовка, бидејќи на бебето не му е потребен совршен простор, туку основна грижа и безбедни услови.

Сертифицираната медицинска сестра и бабица Наоми Драјкер вели дека минималните потреби се сосема доволни.

„Сосема е во ред бебето да пристигне дома и родителите да располагаат само со бебешка кошница и пелени, особено во денешно време кога голем број производи можат брзо да се нарачаат“, вели Драјкер.

Експертите препорачуваат најпрво да се уреди просторот за спиење, место за хранење и одмор на мајката, како и организација на основните работи за секојдневна нега.

„Останатите мерки за безбедност во домот може да се одложат од три до пет месеци. Но сепак, родителите треба навреме да прават планови, бидејќи развојните фази како превртување, ползење и обиди за станување обично доаѓаат побрзо од очекувањето“, советуваат експертите.