Кога зборуваме за Христо Узунов и неговата улога во Илинденското востание и македонската револуција воопшто, треба да го разгледуваме не само како војвода, туку и како раководител кој во исклучително тешки околности ја носел одговорноста за востаничките сили и за населението. Борбата за слобода барала храброст, организација, дисциплина и подготвеност за тешки одлуки, но и свест за човечката цена на секој вооружен судир. За оваа безвременска македонска револуционерна легенда, по повод денот на неговото раѓање – 22 октомври 1878, МИА разговараше со историчарите Михаил Патчев и Наташа Котлар-Трајкова.

Охридската околија во Илинденското востание

Во Охридско, подготовките за востанието опфаќале организирани пунктови, магацини со храна, тајни фурни, леарници за куршуми и здравствена служба со импровизирана болница во Чемерски Дол, над Брждани. Како еден од реонските началници, Узунов бил дел од раководството задолжено за координација на четите, процена на опасностите и спроведување на воените планови. На 2 август 1903 година (т.е. 20 јули, стар стил), започнале дејствија за прекинување на телеграфските врски меѓу Охрид и околните центри, уривање мостови и напади врз османлиските воени позиции. Судирот што почнал во врска со обидот на малесискиот војвода Тасе Христов да го заплени стадото од бачило во Локово прераснал во поширока вооружена пресметка. Откако овчарите се спротивставиле, пристигнале башибозук и османлиска војска, а борбите се прошириле кон Лаково и Селце. Сепак, непредвидените судири кај Локово, Лаково и Селце, како и неуспешниот напад врз гарнизонот во Вевчани, ја нарушиле првичната стратегија. До 24 јули / 6 август, дримколските и малесиските чети се собрале во Караорман, во Горна Дебрца, заедно со бројни бегалци што ги напуштиле своите домови.

Пред споменикот во кичевското село Цер денеска ќе биде одбележана 117 годишнината од погибијата на Христо-Димитров Узунов, македонски револуционер, учител и војвода.На ова одбележување се оче

За целото време на предвостаничките и востаничките дејства Христо Узунов се наоѓал во обиколка на теренот, како што додава Котлар-Трајкова – особено во Горна и Долна Дебрца и во Ортакол, како член на Горското началство. Учествувал во неколку судири (кај Бујо Глава – с. Мраморец, Три Буки на Слатински Рид, превлаката кај Горно Илино, Рашанец). Низ непосредните задачи, тој ги поставувал јасните цели на борбата, меѓу кои доминира првиот принцип: таа да се води со сопствени сили до потполна независност и реално се залагал за слобода на самото македонско население, не на некаква апстрактна македонска земја, територија, историска рамка.

– Овие настани се важни затоа што ни покажуваат колку била сложена реалноста на востанието. На теренот постоеле планови, но постоеле и непредвидени ситуации, различни процени и околности што можеле да го променат текот на дејствувањето. Војводите и раководителите морале да носат одлуки во време кога немале сигурни информации за сите случувања, а секое задоцнување или погрешна процена можело да има сериозни последици. Затоа, кога зборуваме за Христо Узунов, треба да имаме предвид дека неговата историска улога се одвивала во исклучително тешки услови, во кои револуционерната решителност постојано се соочувала со непредвидливоста на настаните. Луѓето ги напуштиле своите домови и барале спас во услови на воени дејствија и опасност. Тука, според мене, се отвора една особено значајна димензија на Илинденското востание. Кога зборуваме за востаничките сили, не смееме да ги гледаме одвоено од населението што живеело во тие краишта. Зад секое движење на четите стоеле села, семејства, старци, жени и деца, луѓе чиј секојдневен живот бил прекинат од стравот, неизвесноста и насилството – раскажува проф. Михаил Патчев, магистер по историски науки, .

Борбите продолжиле со напади врз османлиските стражарски кули во Сошани, Оздолени и Старо Велмеј, како и врз даночната служба во Куратица. Особено значајни биле судирите кај Издеглавје и Сирулскиот Рид.

– Историјата не треба да ни служи само за да се потсетиме што се случило, туку и за да разбереме што значеле тие настани за луѓето што ги живееле. А Христо Узунов е една од личностите преку кои можеме да ја согледаме и возвишеноста на идеалот за слобода и човечката цена на борбата за неговото остварување – изјави Патчев.

Нападот врз Издеглавје го предводел Смиле Војданов, војвода на реонот Горна Дебрца. Во пресрет на акцијата, вечерта на 20 јули според стариот календар, востаничките чети од Сливово, Слатина, Оздолени, Мраморец и други села се собрале кај месноста Гојдороец, додека четите од Лактиње и Годивје се концентрирале кај Васкорчиште. Вкупно околу 250 востаници се подготвувале да го нападнат османлискиот гарнизон.

На Сирулскиот Рид дејствувале околу 150 востаници под раководство на Христо Узунов и Дејан Димитров. Османлискиот гарнизон броел околу 200 војници, а предупреден од претходните судири, имал време да се утврди. На 30 јули се воделе судири кај Брждани, Белчишта, Црвена Вода, Куратица и Плаќе, а кај Брждани пристигнал и Борис Сарафов со дружина од Демирхисарско.

– Охридскиот војвода и револуционер Христо Узунов, пред сѐ импонира со позицијата, која најчесто и со оправданост метафорично се нарекува прометејска. Тој бил изразител на македонската низина, на македонската селанска маса, вплотувач на нејзините ослободителни стремежи. За него најбитни биле делата. Еден бунтовник сé уште не е револуционер. Заслугата на војводата Узунов, бездруго најмногу се огледа и во фактот што успеал бунтовната стихија на народното незадоволство во охридскиот крај да ја упати низ логиката на револуционерната акција. Посветен во ослободителното дело уште како ученик во Солунската егзархиска гимназија, од страна на Даме Груев – еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација,  Узуновата активност во родниот крај била насочена кон ширење на периметарот на организациската мрежа (ТМОРО), како во градот така и надвор од него. Особено внимание во оваа организациска дејност тој му посветил на македонското селанство во охридскиот крај, посетувајќи ги постојано и најоддалечените села, дури и во Дебрца. Неговата секојдневна дејност била воочлива во целиот реон. Ослободителното дело добило на масовност, а војводата ги имал поддршката и довербата на луѓето – појасни проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова за МИА.

Охридското горско началство се поделило на две групи за да продолжи со отпорот во Долна и Горна Дебрца и езерскиот реон. Христо Узунов, заедно со Н. Цветинов и Н. Златарев, останал да дејствува во Долна Дебрца и Езерско. Меѓутоа, пристигнувањето нови османлиски сили и насилството на башибозукот довеле до грабежи, палење села и масовно страдање. Слатино, Лактиње, Годивје, Врбјани и други населени места биле опустошени, а востаниците продолжиле да дејствуваат со заседи и повлекувања низ планините.

– Вистинската големина на Христо Узунов не е само во тоа што бил подготвен да се бори за слободата на Македонија, туку и во тоа што никогаш не престанал да ја чувствува одговорноста кон луѓето во чие име се водела таа борба. Токму во спојот на храброста, совеста и човечноста се наоѓа неговото трајно значење. Неговото дело нè потсетува дека зад секоја историска борба стојат човечки животи, а дека вистинскиот патриотизам не се состои само во подготвеноста да се жртвуваш за татковината, туку и во способноста да го почитуваш, разбереш и никогаш да не го заборавиш сопствениот народ – истакна Патчев.

Можеби една од најтрагичните страници на востанието се одиграла на 30. и 31 август (ст.стил) кај Рашанец, во близина на Куратица и месноста Вишеслоец. Во бегалскиот логор се засолниле околу 2.000 луѓе од 18 села. Борбата траела од претпладневните до доцните ноќни часови, при голема нерамнотежа во вооружувањето и употреба на артилерија.

Според наведените податоци, околу 190 мажи, жени и деца го загубиле животот. Жените и девојките биле изложени на тешки насилства, а храната и имотот на бегалците биле уништени. Загинале и 41 востаник, меѓу кои војводите Аргир Маринов, Андон Узунов – братот на Христо и Наум Златарев.

– Не би било историски оправдано секоја одлука на востаничките раководители да ја толкуваме како да ги знаеме сите нивни размислувања и мотиви во тие мигови. Но самите настани јасно покажуваат дека востанието било многу повеќе од низа вооружени судири. Тоа било искуство во кое раководителите морале да се соочуваат со постојано менување на околностите, со ограничени средства, со непристигнување на очекуваните засилувања и со опасноста од одмазда врз селата. Во таква средина, секоја воена процена имала и човечка димензија – изјави историчарот.

Болката на Христо Узунов и верноста на народот

По задушувањето на востанието, Христо Узунов останал во охридскиот крај, тесно поврзан со судбината на својот народ. Во време кога многумина ги загубиле домовите и најблиските, неговото присуство имало значење што ја надминувало воената и организациската улога. Тој, според прикажаните сведоштва, ги бележел имињата на загинатите и настаните поврзани со востанието, покажувајќи дека историјата не е составена само од битки и одлуки на раководителите, туку и од животите на обичните луѓе.

– За големината на Христо Узунов зборува и фактот што неговите современици го почитувале и по трагичниот исход на востанието. Во време кога разочарувањето можело да предизвика недоверба и меѓусебни обвинувања, неговото име продолжило да се споменува со почит. Тоа укажува дека луѓето во него препознавале искреност и посветеност што не биле избришани од неуспехот. Вистинските вредности на еден човек понекогаш стануваат највидливи токму кога околностите се најнеповолни, бидејќи тогаш се покажува дали неговите убедувања се само зборови или се дел од неговиот карактер. Сепак, не би сакал Христо Узунов да го претставам како недостижен човек без слабости и внатрешни противречности. Напротив, неговата личност станува уште повпечатлива кога ќе се согледа неговата човечка страна. Тој чувствувал болка, се преиспитувал и ја носел тежината на одговорноста. Токму овие особини го прават поблизок и поразбирлив. Храброста не значи отсуство на страдање, ниту пак, вистинскиот водач е оној кој никогаш не се сомнева во себе. Понекогаш најголемата сила се покажува во подготвеноста човек да се соочи со сопствените чувства и да не ја напушти идејата на која ѝ го посветил животот – изјави Патчев.

Сепак, важно е, се вели, чувството на одговорност да не се изедначува со единствена вина за трагичниот исход. Узунов дејствувал во услови на османлиска воена надмоќ, ограничени средства и непредвидливи настани. Неговото преиспитување повеќе зборува за високите морални критериуми што ги поставувал пред себе отколку за тоа дека лично бил одговорен за сите страдања.

– Особено значајни се неговите зборови дека народот се надевал на Сонцето, а на крајот не добил ниту мала искра. Во оваа слика ја препознавам целата трагедија на Илинден. Сонцето ја претставува слободата за која македонскиот народ долго копнеел, надежта дека ќе дојде ден кога ќе може да живее без страв и угнетување. Искрата, пак, ја симболизира и најмалата добивка, некаква светлина што би останала по сите жртви и разочарувања. Кога Узунов зборува дека не добиле ниту тоа, тој ја изразува болката на човек кој гледа дека големите очекувања завршиле со огромно страдање, а посакуваната слобода сè уште останала недостижна – додава историчарот.

Одговорот на селаните од Куратица, според него, е подеднакво значаен. Тие не го отфрлиле, туку покажале дека, покрај претрпените загуби, довербата во него останала. Нивната подготвеност повторно да застанат зад борбата доколку организацијата го побара тоа – ја открива длабоката врска меѓу раководителот и народот. Таа не се засновала само врз неговата положба, туку и врз искреноста, посветеноста и заедничката судбина.

Оваа средба, се вели, ја открива и болната противречност на Христо Узунов. Тој, кој имал храброст да се соочи со опасностите на револуционерната борба, по нејзиниот неуспех се соочил со нешто поинакво и можеби подеднакво тешко – сопствената совест. За човек кој искрено се чувствувал одговорен за својот народ, загубите не можеле да бидат само историски податок што ќе се запише и ќе се остави зад себе. Тие останувале во неговите мисли и го принудувале да се преиспитува. Токму затоа не треба да го гледаме само како храбар револуционер, туку и како човек кој имал сила да ја покаже својата болка.

– Во оваа приказна особено погодува фактот што Узунов не се обидел да ја сокрие својата човечка слабост зад ликот на непоколеблив водач. Тој не бил без чувства, ниту бил рамнодушен кон последиците од борбата. Неговата големина се гледа во тоа што можел да признае колку длабоко го погодила трагедијата и колку голема одговорност чувствувал кон оние што страдале. Истовремено, одговорот на народот покажува дека вистинската почит не се создава со претставување на човекот како безгрешен, туку со препознавање на неговата искреност, посветеност и верност – нагласи Патчев.

Котлар-Трајкова се согласува дека Узунов говорел дека вербата за успех во борбата треба да се бара најпрвин во себе, а потоа и кај другите.

– Ова и практично го демонстрирал со саможртвениот чин од 24 април 1905 во селото Цер. Христо Узунов го завршил животот доследен на определбата да се биде син „на втората мајка“, наместо онаа што го родила – Анастасија Узунова – заклучи Котлар-Трајкова.

Во оваа смисла, историчарката се повикува на проф. Христо А. Пољански како посветен биограф на Узуновата животна и револуционерна врвица. Тој констатира:

„Саможртвениот чин од историјата на македонското националноослободително движење кај нашиот народ одамна е поминат во легенда. Но, легендарен и трагичен настан не претставува историја сама за себе, зошто неминовно е поврзан со големата биографија на Христо Узунов, со неговата револуционерна дејност во Охридско и Битолско, со целокупното македонско националноослободително движење“.

Токму затоа, Христо Узунов е голем не само поради тоа за што се борел, туку и поради начинот на којшто ја носел одговорноста за луѓето. Неговите зборови за изгубената надеж ја откриваат длабочината на разочарувањето, но одговорот на селаните ја покажува силата на довербата што останала.

И ова, можеби, е една од најсилните пораки што ни ги остава неговиот живот. Вистинската големина не се состои во тоа човек никогаш да не почувствува вина, болка или разочарување. Таа се состои во подготвеноста да не се избега од сопствената совест и да не се напуштат луѓето токму кога им е најтешко. Христо Узунов останал поврзан со својот народ не само преку револуционерната идеја, туку и преку човечката болка што ја споделувал со него. А народот, со својата реакција, му покажал дека неговата посветеност не била залудна и дека довербата изградена врз искреност и заедничка жртва може да опстане и по најтешкиот пораз.

МИА