Почина проф. д-р Зоран Спировски, истакнат торакален хирург, поранешен директор на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија и професор на Медицинскиот факултет во Скопје.
Веста за неговата смрт ја објави Сашо Клековски, кој истакна дека Спировски оставил длабока трага во македонското здравство со својата долгогодишна работа и посветеност.
Во текот на својата кариера им помогнал на голем број пациенти, а како професор пренел знаење, искуство и професионални вредности на генерации млади хирурзи.
Клековски упати искрено сочувство до семејството, колегите и сите што го познавале, со порака: „Почивај во мир, професоре“.
Проф. д-р Зоран Спировски беше специјалист по торакална хирургија и редовен професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во текот на својата професионална кариера ја извршувал и функцијата директор на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје, на која бил именуван во 2008 година.
Неговата научна и стручна работа била посветена на хируршкото лекување на заболувањата на белите дробови и градниот кош, со посебен интерес за оперативното лекување на белодробниот карцином.
Во 1998 година докторирал на тема поврзана со предоперативната проценка и хируршкото лекување на неситноклеточниот бронхоген карцином.
Спировски бил автор и коавтор на повеќе научни и стручни трудови од областа на торакалната хирургија, објавувани и во меѓународни медицински публикации. Во 2011 година учествувал и во подготовката на „Прирачник за белодробен карцином – водич за дијагноза, терапија и прогноза“.
Покрај работата со пациенти, значаен дел од неговата професионална кариера бил посветен и на образованието на идните генерации лекари. Како универзитетски професор и ментор учествувал во едукацијата на студенти, специјализанти и докторски кандидати.
Во 2018 година бил дел и од иницијативниот одбор за формирање на Здружението за кардиоторакална хирургија на Македонија.
Неговата професионална дејност опфаќала работа во универзитетското и во приватното здравство, а неговото име останува поврзано со развојот на торакалната хирургија и медицинското образование во земјава.
