По најновите правни пречки со кои се соочи инвестицијата во рудникот за бакар Иловица-Штука дел од локалното население во југоистокот, под иницијативата „И здравје и работа“ почна да прашува кому му пречи проектот. Според нив, рудникот за бакар би имал големо економско значење за регионот и ќе го поддржат доколку се испочитуваат сите светски стандарди. Тие сега единствено ги гледаат придобивките од инвестицијата, особено откако во Собранието во 2019 година беа усвоени законските измени во Законот за минерални суровини, со кои се забранува употребата на штетни супстанции во новоотворените рудници, пишува МКД.мк.
Сепак, пред инвеститорот „Еуромакс рисорсис“ да се соочи со дополнителни правни предизвици и особено откако зад него застана канадската компанија „Трафигура“, понуда за инвестиција имаше и од фирмата во чија сопственост е рудникот „Бучим“ во Радовиш. Станува збор за „Солвеј инвестмент груп“. Тоа е компанија со седиште во Швајцарија, сопственост на естонски државјанин, но, како што се вели во шведската истражувачка сторија од 2022 година, „Рударски тајни“, кај концесионерот во Бучим наводно постои скриен руски капитал. Тогаш „Солвеј“ вети поддршка од локалната заедница и еколошките групи.
Токму таа спротивставеност на еколошките групи произведоа бројни шпекулации за тоа кој и како ги води тие групи на отпор или подрршка на проектот. Граѓаните прашуваат „кој, колку и од кого има добиено пари на рака преземајќи обврска за регрутирање критична маса за ширење паника меѓу населението“.
Костадин Ристоманов од здружението Здрава котлина е еден од најгласните противници на ридникот Иловица – Штука, а за него се и најгласните приказни за наводната поврзаност со „Бучим“.
Во изјавата за МКД.мк тој вели дека засега битката на терен била добиена.
„Народот не сака и нема да дозволи рудници во струмичката котлина. Таму е невозможно да се направи рудник. Следува војната која сега се префрла на зелена маса на која се преговара за провизиите и репарациите, за обештетувањето кое државата ќе го плати на наводните инвеститори. Заради лакомоста на нашите политичари и нивната сервилност кон сè што доаѓа од Западот, сега државата ќе плаќа казна за нешто што е невозможно да се изгради, рудниците Иловица-Штука. Во моментов се преговара за сумите за провизии и за обештетување и за начинот како тоа да се изведе. Се работи за политички проект како да се профитира. Оваа разврска сега се темпира пред изборите за да му се соопшти на народот дека еве власта е со нив, се грижи за нив и ги спасува. Тоа ќе биде претставено како голем успех, а колкави ќе бидат провизиите – никој не знае.
Последните седум години мислам дека успеавме да го разоткриеме бандитскиот однос на нашите влади. Ова не е проект за рудници, ова е политички проект со цел да се продаде на ваков начин. Не е случајно тоа што првата концесија е добиена без елаборат за штетноста на животната средина. Таков елаборат не постои, а врз основа на наводното постоење на таков документ издадена е првата концесија. Дилот бил дозвола за провизија“, вели Ристоманов.
Тој признава дека неговата градежна фирма имала деловни односи со „Бучим“ во 2005 година, но тоа било многу порано од проектот на „Еуромакс“. И од „Бучим“ ни одговорија дека тие луѓе веќе не се дел од „деловното работење во компанијата“.
Огњан Лазаров од иницијативата И здравје и работа за МКД.мк вели дека тие не се исклучиви противници на рудникот Иловица-Штука.
„Да бидеме на јасно за да нема погрешни заклучоци – за нас употребата на цијанид и сулфурна киселина во експлоатацијата е затворено прашање. Не смее да ја има и затоа е забранета со закон. Ние сакаме низ стручна дебата и спротивставување на аргументи со инвеститорите да бидеме уверени и да ни се дадат гаранции дека на пример јаловината ќе се собира во сув ископ наместо во водена брана. Ние веруваме дека во 21 век постои модерен инфраструктурен концепт кој ќе овозможи ем заштитено здравје, животна средина и земјоделие, ем рударски комплекс кој ќе ја раздвижи македонската економија на долг рок и ќе овозможи враќање на младите од туѓина. Ние немаме море и пристаништа, но затоа божицата земја нè дарувала со вредна руда која треба мудро да се користи за да дава живот. Во нашата иницијатива има земјоделци, поранешни рудари, пензионери, родители на деца заминати во туѓина во потрага по подобар живот. Заради гласноста, агресивноста на другите, досега бевме тивки. За неколкумина од гласните противници на изградбата на рудникот се сомневаме во конфликт на интереси и скриени мотиви. Сметаме дека вреди да се размисли за предлогот да се формира едно независно мониторинг тело од нас граѓаните кои во сите фази од евентуална изградба на рудникот ќе врши надзор и ќе води сметка дека сите заштитни механизми се имплементираат од инвеститорот. Нашите мотиви се чесни и насочени исклучиво за обезбедување на иднина на младите, кои за жал се помалку ги има во Струмичката котлина.
Дел од жителите на Иловица и Штука велат дека се „за“ рудникот, бидејќи според институциите неговото работење нема да е штетно по здравјето.
„Со отворањето на рудникот ќе се вработи овој народ, зашто од него можеме да имаме само ќар, а зијан не. Ќарот ќе е вработувањето, бидејќи ќе се вработат многу луѓе, многу млади. Ќе се вработат граѓани од општините Ново Село и Босилово и рудникот е предуслов за опстанок на овие две општини“, смета Митко Иванов од село Штука.
ИЗВОР: МКД.мк