Охрид ќе биде домаќин на следната рунда разговори Вучиќ-Курти. Каква порака доаѓа од Брисел за Скопје? Медиуми објавуваат наводи за можни мерки за финансиска помош за македонските оружени сили.

Иако до неа остануваат речиси две и пол недели, посетата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на Северна Македонија на 18-ти март, како и средбата Вучиќ- Курти планирана истиот ден на македонско тло, резултираше со решавање ребуси – што значи тоа?

За македонската влада европскиот предлог за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина е исклучително важен за иднината и стабилноста на регионот, а Македонија уште еднаш докажува дека е фактор на стабилност, како земја членка на НАТО, земја која ги почна преговорите со ЕУ, и земја која претседава со најголемата безбедносна организација во Европа – ОБСЕ.

За косовскиот премиер Албин Курти, изборот на РСМ за домаќин на следната средба на високо ниво во рамките на дијалогот Белград-Приштина, е симболичен.

„Да не заборавиме дека на 9-ти јуни 1999 година во Куманово беше потпишана капитулацијата на Милошевиќка Југославија, и влезот на силите на НАТО. Мислам дека овие симболични елементи на Македонија беа многу важни за европскиот шеф на дипломатијата, Жозеп Борел, да нѐ покани во Македонија на следниот состанок на високо ниво“, изјави Курти.

Дел од медиумите гледаат одредена симболика, но во контекст на договори кои затвориле дологогодишен спор.

„Меѓутоа, освен Кумановскиот договор што го спомнува Курти, постои понов договор зад кој застана ЕУ, и кој многу повеќе би можел да се поврзе симболички за Северна Македонија“, коментира српски „Данас“, посочувајќи го како пример Преспанскиот договор, и со детали од хронологијата до неговото финиширање.

За разлика од оваа, и симбликата што ја посочи Курти, српскиот претседател Александар Вучиќ воопшто не дава такво значење за изборот на место на средбата.

„Ништо. Борел оди во Македонија, па вели – да дојдеме таму. Оди човекот на пат, па ние да се најдеме со него таму, додека човекот е на пат“, рече Вучиќ во интервју за РТС.

Каде е тоа „таму“? Според соопштение по вчерашната средба на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ со претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, во Брисел, средбата Вучиќ-Курти ќе се одржи во Охрид.

„Соговорниците потврдија дека – изборот Охрид да биде место каде ќе се разговара за нормализација на односите Белград-Приштина,а премиерот Димитар Ковачевски домаќин на средбата, е доказ дека Северна Македонија е синоним законструктивен дијалог, зрелост и одговорност во регионот“, се вели во соопштението од Кабинетот на Маричиќ.

Исто го потврди и Лајчак на Твитер, најавувајќи го дијалогот „овој месец подоцна“.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој вчера на маргините на Економскиот форум во Скопје имаше средба со неговиот косовски колега, му пренел на Курти дека РСМ ги поддржува евроатлантските аспирации на Косово, дека е подготвена за давање придонес во таа насока, и дека активно го поддржува учеството на Косово во различни регионални формати на соработка.

„Премиерот, исто така, го поздрави постигнатиот договор за прифаќање на ЕУ предлогот за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, со што ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот, не само на двете земји, туку и на регионот во целост. Тој нагласи дека отворените прашања треба да се решаваат низ дијалог и ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија во својство на претседавач со ОБСЕ да го помогне процесот, особено во фазата на имплементација на одредени делови од евентуалниот договор“, се вели во соопштението на владината прес служба.