Пренос на моштите на свети Климент Охридски

Ученик на Светите Методиј и Кирил. По смртта на Св. Методиј Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ. Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј – заедно наречени Петочисленици – го помина Дунав, поседе како гостин при царот Борис Михаил и потоа дојде во охридскиот крај. Прво основа манастир во Белица, кај што му беше и првото епископско седиште. Подоцна се пресели во Охрид и оттаму разви голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Во Охрид Свети Климент му подигна црква на Св. Пантелејмон. Имаше голем број ученици коишто ги препишуваа книгите со словенски букви за словенскиот народ. При таа дејност особено му помагаше Св. Наум. Вршеше чуда и за време на земниот живот, а неговите мошти до денешен ден пројавуваат исцелителна сила. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокои мирно во Охрид, во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во некогашниот храм на Пресвета Богородица, којшто подоцна се нарече по Свети Климент.

Тропар
Со зборови си ги упатил народите во верата Божја, со делата си се издигнал, преблажени, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветлил оние што пристапуваат верно кон тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Поради тоа го славиме твојот божествен спомен, Клименте.

Кондак
Твојот храм, светителу, се покажува како преславно духовно лечилиште за тие што му пристапуваат со вера, бидејќи избавува од сите различни болести, а умртвува секакви страсти на душите. Поради тоа, себлажени, како топол застапник те одбележуваме.

Свети Евдоким

Роден во Кападокија од благочестиви родители, Василиј и Евдокија. Во времето на царот Теофил (829 г. – 842 г.) Евдоким беше млад офицер во војската. Но и како војник вложуваше секаков напор за да живее според евангелските заповеди. Непорочно ја чуваше својата чистота и одбегнуваше да зборува со која и да е жена освен со мајка му; беше милосрден кон бедните, грижлив во читањето свештени книги и уште погрижлив во молитвите кон Бога. Одбегнуваше суетни забави и празнословие. „Сред метежот и суетата на светот, како крин меѓу трње и како злато насред оган“. Заради неговите необични добродетели царот го постави за војвода кападокиски. На таа висока положба Евдоким се грижеше да биде праведен пред Бога и кон луѓето. Но по Божја Промисла се упокои рано, во својата триесет и трета година. Неговите мошти се пројавија како целебни. Еден полуден човек се допре до неговиот гроб и оздраве, а и едно фатено дете се крена и стана здраво. По осумнаесет месеци неговата мајка го отвори ковчегот и го најде неговото тело како живо, без каков било знак на распаѓање. А од телото на светителот излегуваше прекрасен мирис. Подоцна моштите му ги пренесоа во Цариград и ги погребаа во новата црква на Пресвета Богородица, усторена од благочестивите родителите на овој праведен Евдоким.

Тропар
Оној Кој те повика од земјата кон Небесните населби, Тој и по смртта го сочува неповредено телото твое, о, Евдокиме, ти во целомудреност и чистота блажено си живеел, неосквернувајќи ја плотта. Затоа, смелост имајќи пред Христа Бога, моли Го за нашето спасение.

Светата маченичка Јулита

Од Кесарија Кападокиска. Со соседот имаше спор околу имотот, па тој појде на суд и објави за Јулита дека е христијанка, што за тоа време значеше да биде фрлена надвор од законска заштита. Света Јулита попрво се откажа од имотот одошто од верата. Но злобните незнабожци не ја оставија мирна ни после ова, туку ја мачеа и најпосле ја изгореа во оган, во 303 година. Оваа следбеничка на Христа ги даде имотот и телото за да си ја спаси душата за вечноста.

Тропар
„Ако и телото дозволам да ми согори“, пееше Јулито света, „а љубовта да ја изгубам, ништо не сум“. Но љубовта за тебе беше Женикот на душата твоја, Кој цела те сочува недопрена од стихиите на овој свет во слава Негова, а за спасение наше кои се радуваме на твоите, света гулабице Господова, смирени молитви.

Свети Јосиф од Ариматеја

Благообразниот Јосиф, богатиот човек, член на еврејскиот Синедрион и потаен следбеник на Христос (Матеј 27, 57; Јован 19, 38). Го симна Христовото тело од крстот и заедно со Никодим го положи во својата гробница. За ова беше окован од Евреите и фрлен во затвор. Но таму му се јави воскреснатиот Господ и го увери во Своето воскресение. Потоа Евреите го пуштија од затворот и го протераа од татковината. Тој тргна да го проповеда Христовото Евангелие по светот, а таа вест ја донесе и во Англија, каде што се упокои во Господ.

Тропар
„Како да Те допрам, о Господи“, зборови неми кои одек добија низ вселената, зборови едноставни кои душа и срце ти возведоа на Небесата. И ние, денес, со усти неми, но радост неискажлива, го чествуваме споменот твој, Јосифе праведен, следбенику на Бога Живиот, и своите души за спасение на твоите молитви ги калемиме.