Свети Емилијан Исповедник, епископ Кизички
Епископствуваше во Кизик за време на злиот цар Лав Ерменин, иконоборец. Бидејќи не сакаше да се покори на царските декрети за исфрлање на иконите од Црквата, заедно со другите православни епископи и тој беше испратен во прогонство. Во прогонство проживеа пет години, трпејќи многу маки и понижувања заради Христа. Се упокои и се пресели меѓу небесните граѓани во 820 година.
Свети Мирон Чудотворец, епископ Критски
Најнапред беше оженет и се бавеше со земјоделие. Од овоземните плодови на својот имот Мирон радосно и изобилно им раздаваше на бедните луѓе. Еднаш на своето гумно затекна непознати крадци како крадат жито. Не им кажа кој е, туку им помагаше на крадците да ги наполнат вреќите, им помогна и да ги кренат на грб и да побегнат. Заради неговата преголема добродетел беше ракоположен за презвитер, а потоа и за епископ. Беше голем чудотворец и правеше многу добри и силни дела со името на Господ Исус. Се упокои околу 350 година, на старост од сто години.
Преподобен Григориј Синаит
Наречен Синаит зашто беше замонашен на гората Синај. Во времето на царот Андроник Палеолог, околу 1330 година, дојде на Света Гора да ги посети манастирите и да дознае нешто за умствената молитва и созерцанието. Но овие духовни дејанија меѓу светогорците во она време беа безмалку непознати. Единствен кој знаеше за ова и до совршенство го практикуваше беше Свети Максим Капсокаливит. Григориј го распростре своето учење за умствената молитва по келиите и манастирите на Света Гора. Прочуен меѓу неговите ученици беше Калист, патријарх Цариградски, кој и го напиша неговото житие. Потоа Григориј премина во Македонија и по други места на Балканот и основа обители во коишто монасите се вежбаа во Исусовата молитва со умот. Така им помогна на многумина да се вдлабочат во молитвата и да се спасат. Неговите списи за умствената молитва и за подвижништвото се наоѓаат во Добротољубието. Меѓу другото го напиша и припевот кон Пресвета Троица „Достоино ест“, кој се пее на воскресната полуношница. Спаѓа меѓу најзначајните подвижници и духовни учители на Балканот. Се упокои мирно.
Светите маченици Тријандафил и Анастасиј
Тријандафил беше родум од Загора, а Анастасиј (Спасо) од Радовиш, од струмичката епархија. Обајцата беа Словени, обајцата млади и прости луѓе. Но љубовта Христова им беше помила од светот и од животот. Животот го дадоа, но Христа не Го изневерија. За Христовата вера пострадаа од Турците, и тоа Тријандафил во Цариград 1680 година, а Анастасиј во Солун, 1794 година.
Беше големец на дворецот на персискиот цар Издегерд. Бидејќи не сакаше да се одрече од Христа, царот го расчини, му го зеде имотот и го прати да чува стока. Се надеваше царот дека Гормиздас набрзо ќе зажали за чинот и за имотот и дека ќе им се поклони на идолите. Но се излажа. Гормиздас спокојно ја чуваше стоката и ја држеше верата. За ова царот го подложи на лути маки, со кои успеа само да му го истошти телото на Христовиот маченик, но не и да го измени неговиот дух. Најпосле Свети Гормиздас го убија во 418 година, веднаш после страдањето на Светиот епископ Авда (31 март). Пострадаа на земјата, а се прославија на небото.