Блокада на Собранието е спротивна на заложбите за владеење на правото. Се надевам дека опозицијата сепак ќе го сфати моментот и важноста од донесување на законите потребни за сериозна реформа на правосудството за доброто на нашата држава, вели пратеничката од СДСМ Снежана Калеска – Ванчева.

-Доколку ние сите како општество навистина сме свесни за потребата од длабински реформи во правосудството што значи за владеење на право и вистинска демократија, тогаш мислам дека блокадата е спротивна на тоа што го говориме. Бидејќи ова е една малку подлабока сериозна реформа којашто не е само козметичка шминка. Владата, Министерството за правда подготвува сет на закони од кои некои се прилично во напредна фаза, некои се веќе и во собраниска процедура, но за жал се малку заглавени. Се надевам дека опозицијата сепак ќе го сфати моментот и важноста за доброто на нашата држава, изјави Калеска – Ванчева на новинарско прашање за коментар за најавената активна блокадата на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ако до 10 мај ако власта не одговори на нивното барање за средба на која би се договориле за датумот за предвремени парламентарни избори, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја блокира работата на Собранието со илјадници амандмани на секој владин проект и бескрајни пратенички дискусиии.

Калеска – Ванчева изјавата ја даде пред учеството на 10-тата сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема „Актуелните предизвици во македонското правосудство низ перспективата на препораките на националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија“ во рамки на активностите од проектот Национална конвенција за Европската Унија во  Македонија.