Дали Гоце Делчев ќе го имаме како комисиски човек или националниот херој, апостол на македонското национално ослободително движење!?

Историчарот, научен советник и директор на Институтот за национална историја, професор Тодор Чепреганов смета дека ликот и делото на Гоце Делчев е политички изманипулирано.

,,Бугарите целосно го исполитизираа ликот на Гоце Делчев! Без никаква потреба.“

Гоце Делчев и припаѓа на македонската историја. И тука нема никаква двојба, вели Чепреганов.

Неговиот гроб во суштина треба да претставува место каде што ќе се обединуваат сите македонски политички партии, симобл на заедиштво а не место за политика на поделеност во неизвесност дали воопшто ќе успееме да ја зачуваме државата каква што е, додава Чепреганов.

Лидер: Денеска се навршуваат 119 години од смртта на македонскиот великан. Се чини дека политиката како да го “воскресна“ Гоце Делчев и неговото име и дело се оставени во рацете на македонско- бугарската политика. За што се бореше Гоце Делчев?

-Гоце Делчев несомнено дека претставува апостол на македонското национално ослободително движење, односно претставува едно врзно ткиво на сите национално-ослободителни борби на македонскиот народ. Неговото име се протега од формирањето на Македонско-револуционерната организација па се до денес.
Чествувањето кое се прави за Гоце Делчев на гробот во основа претставува покажување почит пред човекот кој што го положил својот живот за она што денеска е Македонија.
Неговиот гроб во суштина треба да претставува место каде што ќе се обединуваат сите македонски политички партии. Место каде ќе се почувствува заедништвото на македонскиот народ, а не да претставува место на делби. Она што го бараше Гоце Делчев беше обединување на сите политички струи кои ќе се борат заедно за самостојна и независна македонска држава.
Меѓутоа за жал денеска сме сведоци на поделеност во македонскиот корпус, исто како што во времето на Гоце Делчев постоеше поделеност меѓу македонците, и што денеска се наоѓаме во една фаза дали воопшто ќе успееме да ја зачуваме државата каква што е!

Лидер: Гоце Делчев се борел за обединување, но денеска неговото име создава раздор во самата држава но и раздор со соседна Бугарија. Од денешен аспект, имаат ли македонските власти лице да го погледат Гоце Делчев во очи?

-Македонските власти немаат лице да го погледнат Гоце Делчев, затоа што тие го ставија него на комисија! За него да се расправа на комисии! Дали ние Гоце Делчев ќе го имаме како комисиски човек!?-национален херој што комисија се договара со Бугарите дали тој припаѓа на Македонците или припаѓа на Бугарите?
Бугарите целосно го исполитизираа ликот на Гоце Делчев! Без никаква потреба.

Лидер: Вреди ли денеска Гоце Делчев да се става на маса, неговиот лик и неговата мисија?

– Никако. Нема никаква потреба Гоце Делчев да се става на маса! Гоце Делчев си припаѓа во колективната меморија на македонскиот народ и македонскиот народ ќе си го слави како мисли и како смета дека треба да се слави. Тој припаѓа на македонската историја. И овде нема никаква двојба. Меѓутоа политички Гоце Делчев го изманипулираа. Политичарите влегоа во игра во која настојуваат да го изманипулираат неговиот лик и дело.

Еден од најголемите идеолози на народноослободителното движење на македонскиот народ кон крајот на 19-от и во почетокот на 20-от век, револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.