На македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ му била одбиена регистрација откако на 7 февруари до Агенцијата за регистрација во Благоевград ги доставиле основните документи на истоименото здружение, информираат од клубот.

Сега толкувањето на тамошните основачи на клубот е дека со оваа одлука се забранува постоењето.

Агенцијата во решението навела дека одлуката ја донеле почитувајќи го уставот на Бугарија односно здруженија на граѓани не можат да постојат ако вршат политички активности.

Основачот на клубот, Атанас Мазнев за Телма потврди дека во сите документи на здружението не се наведуваат никави политички активности ниту цели се со цел да извршат законска регистрација.

„Направивме се што е неопходно за да се регистрираме и да бидеме впишани како организација која ги почитува законите со цел поврзување и меѓусебно почитување на двата народи и државите Македонија и Бугарија. И ова барање ни е одбиено од Агенцијата за регистрација која е должна и има законско право да ги врши тие дејности. Ние сега ќе поднесеме жалба на тоа решение на агенцијата до судот во Бугарија и се надеваме дека судот ќе го почитува законот и ќе го поништи ова решение. Тоа решение на агенцијата не е донесено според закон туку заради политички убедувања,“ вели за Телма, Атанас Мазнев, основачот на клубот „Никола Вапцаров“.

За само 5 дена клубот беше атакуван со камења. Властите ги фатија напаѓачите вработни во државно претпријатие кои со камења го скршија излогот.

Но, градоначалникот на Благоевград изјави дека ќе ги казни општинските работници, кога македонската држава ќе ги казни македонските гранични служби, кои, како што рече, предизвикаа ментално и физичко насилство врз многу Бугари при обидот да влезат во земјава на денот на чествувањето на Гоце Делчев.

Во меѓувреме се огласи и комитетот на министри на Советот на Европа кој заклучи дека не постои системска дискриминација на малцинствата во Македонија, одбивајќи ги аргументите и амандманите на Бугарија, која направила силна дипломатска офанзива за да се усвои резолуција во која ќе се каже дека има системска дискскриминација на малцинствата во Македонија.

Претходно истотото европско тело, комитетот на министри на Советот на Европа ги повика властите во Бугарија да почнат да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да дозволат регистрација на здруженија кои што имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија.

Комитетот на министри изминатите три дена ги разгледуваше неспроведените одлуки на судот во Стразбур и меѓу нив донесе одлука и за македонските здруженија во Бугарија, кои што веќе 16 години ги добиваат случаите против Бугарија.