Панов пред посетата на Скопје, во изјава за дописникот на МИА од Софија рече дека „им подава рака на соседите“, оценувајќи дека оние кои односите меѓу Бугарија и Северна Македонија ги доведоа во ќорсокак, сега го користат тоа во предизборната кампања.
Тој истакна дека е подготвен да го преземе ризикот од својата постапка, бидејќи во моментов „европската иднина на регионот е тест за интегритетот на секој политичар, без разлика на која страна од границата се наоѓа“.
Панов е дециден дека „нашиот заеднички пат е Европа и за тоа прашање не треба да има ниту дали, ниту но“, додавајќи дека говорот на омраза е сериозен проблем во бугарско-македонските односи.
Според Панов, проблемот е што додека Бугарија и Република Македонија се расправаат за својата историја, трета страна им ја одзема можноста да градат заедничка иднина и во случајов важи изреката „двајца се картаат, третиот користи“.
Инаку, дописникот на МИА од Софија им предложи и на тимовите на двајцата кандидати, кои според анкетите се фаворити за победа на претседателските избори во Бугарија, Румен Радев и Анастас Герџиков да дадат изјава за нивната визија за односите меѓу Скопје и Софија, но тие ја одбија поканата.