Оставки се редат од скопските градски претпријатија. По онаа на директорот на паркинзи, Бојан Христовски, оставка даде и Јане Мицевски, прв човек на ЈП Дрисла.
Во својот допис пишува дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите и дека досега претпријатието немало никаква поддршка од град Скопје.
Во продолжение неговиот статус
Како директор на депонијата Дрисла сакам да посочам дека во овој десет месечен период откако го превземав претпријатието направив стабилизација и негова консолидација и отпочнав со процес на инвестиции кои се во насока на подобрување на работата на истото. Но секој индивидуален успех на било кое претпријатие не е целосен доколку истото не добие потркепа од колективитетот во кој Дрисла мора да функционира, а тоа е Градот и нејзиниот прв човек. Морам да го истакнам немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај бројните мои обиди тоа да биде сменето. Во такви едни услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача. Дополнително Дрисла се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје.
Поради сето ова јас денес си поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на Дрисла.
Навистина благодарам до моите соработници во претпријатието со кои заеднички дојдовме до резултати за кус период.
-Горд сум што за 9 месеци успеавме за Дрисла да набавиме нова сопствена механизација. Набавени се 4 нови градежни машини, од кои 2 булдожери и 2 натоварувачи
-Со цел осовременување на депонијата и обезбедување подобри услови за работа на вработените, обезбедени се два нови монтажно/демонтажни деловни објекти за потребите на работниците.
-Обезбедивме линеарно зголемување на платите од 2880 денари за секој вработен, како и исплата на заостанат регрес за годишен одмор за 2021 година.
-Инсталацијата за стерилизација на медицинскиот отпад (автоклав) е пуштен во пробна употреба, а во јули 2022 година со добивање дозвола за работа со што е направена измена во А – интегрираната еколошка дозвола почнува официјално со употреба.
Системот обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината.
На крајот, сакам да истакна дека вработените кои беа дел од мојот тим можат да посведочат дека преку мојот начин на менаџирање успеав да сменам многу пракси на директорите од минатото. Личните привелегии никогаш не ми претставуваа пририоритет како што се личен возач, репрезентација, патувања, службен телефон и слични непродуктивни трошоци чија ставка е нула. Одговорноста спрема граѓаните е поважна од сечиј друг личен интерес и амбиција. Од Дрисла излегувам со крената глава, бидејќи резултатите се очигледни, пишува Мицевки.