Според излезните анкети кои ги објавија повеќе агенции за истражување на јавното мислење, ВМРО-БНД освоила помеѓу 0,9 и 1,2 отсто од гласовите на изборите, што е досега најлош резултат за крајнодесничарската партија, позната по негирањето на македонскиот јазик и нација.

Лидерот Красимир Каракачанов по гласањето денеска изјави дека гласал за „луѓе што можат да управуваат“.

„Гласав за луѓе кои можат да управуваат. Луѓе со карактер, а не креатури на разни надворешни економски или политички интереси“, изјави Каракачанов.

Аналитичарите велат дека голем дел од досегашните гласачи на ВМРО-БНД го дале својот глас за популистичката и проруска партија Преродба на Костадин Костадинов, која освои околу четири отсто од гласовите, што е прагот за влез во парламентот.

Излезноста, според Галуп, била 35,5 отсто, а 1,8 отсто од гласачите ја искористиле опцијата во електронските ливчиња – „Јас никого не поддржувам”.

Ова е трет обид да се постигне мнозинство што ќе успее да состави влада во земјата, откако првите два обида од последните два циклуса парламентарни избори, беа неуспешни.