ВМРО-ДПМНЕ реагираше на поканата што Красимир Каракачанов му ја упатил на партискиот лидер и премиер Христијан Мицкоски да присуствува на пренесувањето на моштите. Од владејачката партија оценија дека поканата би било посоодветно да им биде испратена на поранешниот премиер Зоран Заев и на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кои ги нарекоа истомисленици на Каракачанов.
„Во однос на поканата на Каракачанов до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, за присуство на пренесување на моштите, би посочиле дека посоодветно е поканата да ја испрати до неговите истомисленици Зоран Заев и Венко Филипче“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потсетуваат на претходните изјави на Заев за улогата на Бугарија во историјата и за македонскиот јазик, а го обвинија и Филипче дека и денес застапува ставови идентични со бугарската политика.
„Впрочем, да не заборавиме дека Заев беше тој кој велеше дека Бугарите биле ослободители, а не фашисти, дека биле администратори, дека македонскиот јазик е после 44-та итн. А Венко Филипче и денес има идентичен став со бугарската политика – прво Бугари во Устав, а после сè друго“, се наведува во соопштението.
Владејачката партија оцени дека зад ваквите ставови стои, како што наведува, „срамна и предавничка политика“, поврзувајќи ги Преспанскиот договор и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
„Тоа се мотивите на една срамна и предавничка политика, јавно етаблирана во Преспанскиот договор и Бугарскиот договор за добрососедство, кои се една иста страна од паричката“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на пренесувањето на моштите на цар Самоил во Бугарија, од партијата направија споредба со англискиот крал Ричард Први, чии мошти се наоѓаат во Франција, нагласувајќи дека тоа не го прави Французин.
„Во однос на удирањето в гради со пренесување на моштите на цар Самоил во Бугарија, ќе потсетиме дека англискиот крал Ричард I е во Франција, иако тоа не го прави Французин“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетија и на предавањето на моштите на Гоце Делчев на Македонија од страна на Бугарија, оценувајќи го тој потег како мудар. Истовремено, побараа Каракачанов и, како што ги нарекоа, бугарските гласноговорници да објаснат што претставува Гоце Делчев за нив.
„Притоа ќе потсетиме и на мудриот потег на Бугарија во минатото, кога моштите на Гоце Делчев ги предава на Македонија. Добро е да објасни тогаш што е Гоце Делчев за нив и за бугарските гласноговорници“, соопштија од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека за партијата Гоце Делчев е еден од најзначајните ликови во македонската историја, а истовремено го поздрави почитувањето што Бугарија го покажува кон делото на цар Самоил.
„За нас, за разлика од Заев, Филипче или Каракачанов, вистината е едноставна, а тоа е дека е еден од најсветлите ликови во македонската историја. За жал, таа мудрост ја нема официјална Софија, но истовремено ја поздравуваме возбудата со која Бугарија го почитува делото на цар Самоил, кој има неизбришлива трага за Македонија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
