Проблемите и изворите поради кои Тетово со години е на неславното место се знаат, но властите како локални така и централни, не преземаат никакви конкретни мерки. Нема никакви стандарди за градба, за зеленилото кое е предвидено инвесторите не ни размислуваат, јавните површини не се мијат, па сето тоа доведува да имаме најзагаден град, велат еколошките организации.

-Со започнување на грејната сезона поради атмосверскиот притисок и влажноста почнуваат ПМ десет честичките да се зголемуваат. Ние со години правиме притисок. Еден од поголемите проблеми е начинот на греење, владата во минатиот период најде начин преку субвенции со инвертери за клими да се намали греењето со дрво, но сега гледате со новата енергетска криза тоа ќе биде дополнителен проблем.Ние со години се бориме за да се забрза процесот на гасификација, властите си доаѓаат си заминуваат сите ветуваат дека ќе биде и пак ништо од тоа. За сиромашни земји како Македонија греењето е луксуз, значи мора да се забрза процесот на гасификацијата или други некои алтернативни извори на енергија, рече Нгадњим Мемети од Еко Герила.

Од загадениот воздух највеќе страдаат децата, оти ПМ десет честичките лебдат токму на нивна висина. Дополнително според д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија аерозагадувањето во комбинација со корона вирусот за кој се очекува нов бран и сој во периодов што следи ќе биде тежок удар за тетовци, ако знаеме каков воздух има градот под Шара.

-Сега се вршат најнови испитување за смртноста предизвикана од аерозагадувањето, а поранешните пет студии покажаа дека Тетово е на врвот по бројот на смртни случаи. Препораките остануваат исти. Комбинацијата ковид и аерозагадување многу лошо влијае, ПМ десет честичките ќе придонесат на некој начин да бидат носач на вирусот длабоко во дишните патишта на луѓето, рече д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Досегашните власти од она што се гледа на терен не реализираа конкретни чекори за намалување на аерозагадувањето, напротив со нивните погрешни политики како давање дозволи за градби, но и индеферентниот однос кон узурпаторите, дивоградбите, загадувањето на околината, допринесоа Тетово да биде број еден загаден град во светот, велат од еколошките организации.

Сегашната локална власт на чело со новиот градоначалник Биљал Касами во својата програма за почист град ветува промовирање на производство со обновливи извори на енергија, фабрика за рециклирање на отпад, повеќе зелени површини, еколошки транспорт.