„Ве информирам дека моето прво појавување ќе биде во понеделник на прес конференција. Апелирам до раководството на Движење Беса да не презема избрзани чекори што ќе предизвикаат штета на структурите и нашите активисти. Емоциите треба да се остават настрана а постапките треба да бидат зрели“, истакна Кастриот Реџепи.
Но Касами не чекаше. Тој преку Фејсбук извести дека Реџепи е разрешен од сите партиски функции и дека веќе не е член на Движење Беса.
„Кастриот Реџепи кој не се појави во Собранието за да го поддржи предлогот за недоверба на Владата, со кој постапи спротивно на одлуката на партијата во кој случај сериозно го нарушил и престижот на партијата, Движењето БЕСА, односно јас како претседател на партијата, согласно статутарните одредби, односно член 14 став 3 точка 3.3 од Статутот на Движењето БЕСА, го исклучувам споменатото лице од сите партиски функции и од членството на Движењето БЕСА“, вели Биљал Касами.
Во меѓувреме генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, потегот на Реџепи го нарече предавство.
„Отсуството на собраниската седница е предавство кон партијата бидејќи тој беше еден од иницијаторите со објавите за уривање на оваа влада“, порача Арјанит Хоџа.
Инаку од МВР преку соопштение известија дека Кастриот Реџепи се пријавил во полициска станица и негирал дека бил исчезнат. Реџепи изјавил дека своеволно отишол кај пријател за да се заштити од публицитетот во врска со собраниската седница.