Новинарката Лиридона Вејсели поднесе жалба до Апелацискиот суд на пресудата со која е казнета со 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, затоа што во новинарски текст го објавила името на судија од Основниот суд во Тетово.

– Ова е срамен преседан. Бев казнета само затоа што при професионално и јавно известување го спомнав името и презимето на судијата Назиф Иљази, носител на јавна функција, кој донел одлука за пуштање лице од притвор. Ова не е заштита на правдата, туку директен удар врз слободата на медиумите и јасна порака за заплашување на новинарите. Ако изнесувањето факти и именување одговорни лица се казнува, тогаш оваа држава не ја штити демократијата, туку молкот – изјави Вејсели за МИА.

Таа наведува дека 12 години се занимава со новинарство, од кои шест години го води порталот на албански јазик paCensure, а девет години предава новинарство на Државниот универзитет во Тетово. Казната е изречена по пресуда на судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар.

– Обработив тема за случај што го следев, за возрасно лице кое на малолетничка ѝ праќал порнографски материјали со погрдни зборови и закани дека ќе ги објави нејзините лични податоци и фотографии. Ја напишав темата, соработував со полиција и тој веднаш беше одведен во притвор. Потоа судијата Назиф Илјази го осуди на само три месеци затвор. Јас соопштив само дека судијата Назиф Илјази пресудил три месеци затвор и ништо друго – рече Вејсели.

Во образложението на пресудата се наведува дека таа е казнета затоа што на 28 октомври 2024 година, без согласност од судијата, од профилите на ТикТок и Инстаграм објавила видеа во кои ги користела неговите лични податоци, со што му наштетила на неговата чест и углед.

Вејсели смета дека пресудата има поврзаност и со друга тема што ја објавила пред три недели, за случај со прегазен малолетник во Гостивар, во кој, како што рече, судијата го ослободил возачот. Таа вели дека трпи притисоци и закани со тужби.

– Секој ден ме бараат во обвинителство – ќе те тужиме за ова, ќе те тужиме за она. Воопшто не се чувствувам слободно. Во Тетово и Гостивар не е како во Скопје. Овде мене не сакаат ниту да ме видат во суд, прават сè за да нема новинари и јавност – додаде Вејсели.

На пресудата реагираше и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, оценувајќи дека ваквата одлука испраќа негативна порака во однос на слободата на изразување и медиумските слободи.

– Кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции во контекст на извршување на нивната професионална работа создава притисок врз медиумите и го ограничува правото на јавноста да биде информирана – соопшти АВМУ.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, го осуди случајот, оценувајќи дека станува збор за ограничување на слободата на говорот.

– Јас не можам од судијата да побарам одговорност, бидејќи не сум тој кој именува судии, таму има Судски совет. Но, најостро ги осудувам ваквиот тип на ограничување на слободата на говорот. Новинарите треба да се однесуваат етички, да служат да ја информираат јавноста. Слободата на говорот е пред сè и над сè и било кој напад врз новинар, вклучително и овој, најостро го осудувам и апелирам тоа да не се повторува во иднина – рече Мицкоски.