Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со нови воени напади врз Иран и порача дека американската операција ќе продолжи сè додека Техеран не прифати, како што рече, сериозни преговори. Во исто време, Си-Би-Ес њуз, повикувајќи се на повеќе извори, објави дека САД и Израел разгледуваат силни напади врз иранската енергетска инфраструктура, кои би можеле да почнат уште викендов.
За време на состанок со членовите на неговата администрација во претседателското одморалиште Кемп Дејвид во Мериленд, Трамп рече дека САД сакаат да „победат“ во конфликтот со Иран и наговести дека воената акција нема наскоро да заврши.
– Ќе го удриме Иран многу силно сè додека не можат повеќе да издржат – рече Трамп.
На прашањето дали постои можност за враќање на дипломатијата, тој одговори:
– Мислам дека само сакаме да победиме.
Според Си-Би-Ес њуз, била разгледувана можноста операцијата да заврши пред отворањето на финансиските пазари во понеделник, поради стравувањата дека нападите врз енергетските капацитети би можеле сериозно да влијаат врз американската и глобалната економија. Конечна одлука за времето и целите на евентуалните напади, сепак, сè уште не била донесена.
Портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит изјави дека САД нема да дозволат Иран да поседува нуклеарно оружје додека Трамп е претседател.
– Како што претседателот Трамп рече на денешниот состанок на кабинетот, САД ќе победат и Иран нема да има нуклеарно оружје додека тој е претседател – изјави Ливит.
Главниот портпарол на Пентагон Шон Парнел рече дека Министерството за одбрана нема да коментира за можните цели пред Трамп да донесе конечна одлука.
– Министерството за војна е целосно подготвено и способно да ги извршува наредбите на претседателот во секое време – рече Парнел.
Неколку часа подоцна, Ливит го обвини Техеран дека го прекршил меморандумот за прекин на огнот потпишан со САД минатиот месец, дека нападнал трговски бродови и дека убил американски војници.
„Иран го прекрши договорот, нападна комерцијални бродови и уби американски војници. Претседателот Трамп нема да стои настрана и да дозволи ваков вид терористичко однесување. Иран ќе продолжи да ја плаќа цената сè додека не дојде на преговарачката маса на начин што претседателот го смета за сериозен“ – рече Ливит.
Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент издаде нови безбедносни предупредувања за американските граѓани во Бахреин, Израел, Ирак, Јордан, Кувајт, Либан, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Граѓаните се повикани внимателно да ја следат безбедносната состојба и да бидат подготвени за можни откажувања на летови, затворање на воздушниот простор и други прекини во патувањето.
Изјавите на Трамп доаѓаат во период на нови инциденти во регионот. Кувајт соопшти дека неговата воздушна одбрана пресретнала ирански беспилотни летала насочени кон витални објекти, додека еден танкер бил оштетен во Ормускиот Проток. Израел, пак, започнал интензивни воздушни напади врз Појасот Газа откако Хамас се согласил на процес на разоружување, што дополнително ја зголемило нестабилноста на Блискиот Исток.
