Ќе стане ли конечно Македонија една изборна единица: Мицкоски условно „за“, Трајанов и ЛДП со конкретни предлози

Поддршка од повеќе страни, но клучна ќе биде согласноста за дијаспората. Македонија повторно ја отвора дебатата за воведување една изборна единица, тема што со години беше барање на помалите партии и граѓанскиот сектор. Овојпат, шансите изгледаат поголеми – со поддршка од владата, опозицијата и неколку партии од центарот. Сепак сè уште има важни детали кои треба да се усогласат.

Премиерот најави можност Македонија да биде една изборна единица

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека принципиелно ја поддржува иницијативата, но со услов во новиот модел да биде вклучено и правото на глас на дијаспората, каде што тоа го дозволуваат законите на странските држави.

  • „Ќе ја поддржиме една изборна единица, но со гласање на дијаспората надвор од дипломатско-конзуларните претставништва“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа треба да биде спремно за следните парламентарни избори.

Трајанов: Крај на нерамномерната застапеност, ЛДП бара и отворени листи

Иницијативата за измена на Изборниот законик денеска официјално ја поднесе пратеникот Павле Трајанов, кој истакна дека моделот со една изборна единица ќе придонесе за подем на демократијата. Освен тоа со една изборна единица се нуди и зголемена одговорност и правичност во застапеноста на гласачите.

  • „Во шестата изборна единица пратеник се бира со 6.300 гласови, а во третата со 10.000. Тоа е неправедно. Со една изборна единица секој глас ќе тежи подеднакво“, рече Трајанов.

Тој предлага пропорционален модел без изборен праг, со Донтов метод за распределба на мандатите.

Дополнително, Либерално-демократската партија (ЛДП) најави дека поднесува свој предлог за една изборна единица. Сепак ќе стави акцент и на отворени листи и вклучување на независни кандидати, што е барање и на дел од граѓанскиот сектор.

  • „Време е за вистински изборен модел што ќе овозможи еднаква можност за сите, без монополи и затворени листи“, изјави портпаролот Љубен Аврамовски.

Сè уште е неизвесно дали предлозите ќе бидат обединети во еден консензус или ќе останат на ниво на партиски декларации. Но по години застој, шансите Македонија конечно да добие една изборна единица – никогаш не биле пореални.