МРЦ вчера побара Врховниот суд на Округот Лос Анџелес „да ја потврди казната во своја полза и да донесе пресуда против Спејси“ и неговите доверители и соработници. Глумецот и МРЦ со години се гледаат на суд откако тој беше отпуштен од продукцијата поради наводите за недолично однесување на и надвор од снимањата.
Во својот поднесок за отштетата, МРЦ наведува дека во октомври 2020 година, судските власти одлучиле дека Спејси „постојано ги прекршувал своите договорни обврски“ додека го глумел Френк Андервуд во серијата, инаку наградувана и со „Еми“ одличја и, дека „неговото однесување го направило (него и субјектите поврзани со него) одговорни“ за милионски загуби за МРЦ.
Инаку, компанијата го суспендира Спејси по извештајот на Си-Ен-Ен од 2017 година, кога неколку сегашни и поранешни членови на продукцискиот персонал на „Куќа од карти“ пројавија наводи за сексуално вознемирување.
„Безбедноста на нашите вработени, на сцената и во работните средини е од огромно значење за МРЦ и затоа решивме да се залагаме за одговорност“, соопшти продуцентската куќа.
Откако Спејси беше исфрлен, според наводите, МРЦ „морала да ја преработи целата последна шеста сезона за да го изостави ликот на Спејси и, да ја скрати од 13 на осум епизоди“, за да се запазат роковите за испорака. Како резултат на тоа, МРЦ претрпела парични загуби.