Мисијата на КФОР денеска соопшти дека примарна одговорност за воздушниот простор над Косово е на командантот на КФОР, врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Во однос на употребата на сите категории беспилотни летала и нивните ограничувања, вклучително и дронот ТБ-2, мисијата посочува дека примарна надлежност за воздушниот простор над Косово има командантот на КФОР, врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
„Очекуваме институциите во Косово да обезбедат координација и да ги почитуваат постоечките процедури“, се наведува во соопштението на мисијата КФОР.
КФОР наведува дека горниот воздушен простор на Косово може да се користи „само за летање од една во друга земја со комерцијални летови“, а долниот воздушен простор може да се користи и за специјални летови, од случај до случај и со претходно одобрение од командантот на КФОР.
Се додава дека КФОР останува целосно фокусиран на обезбедување безбедна средина и слобода на движење за сите заедници на Косово и Метохија, во согласност со неговиот мандат.
„КФОР продолжува да го поддржува развојот на Косовските безбедносни сили, во рамките на нивниот првичен мандат, вклучително и операции за цивилна заштита како гаснење пожари, уништување експлозивни направи, пребарување и спасување и одговор на излевање на опасен материјал“, се вели во соопштението.
Косовскиот премиер Аљбин Курти во неделата објави дека армијата добила беспилотни летала Бајрактар ТБ-2 купени од Турција.