Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потврди дека украинска делегација ќе се сретне со руската кај границата помеѓу Украина и Белорусија, во близина на реката Припјат, најверојатно веќе утре.
-Се договоривме дека украинската делегација ќе се сретне со руската делегација без предуслови на украинско-белоруската граница, во близина на реката Припјат, напиша Зеленски
Потврдата доаѓа откако тој претходно разговараше со белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Зеленски во објавата на социјалните мрежи тврди дека Лукашенко ја презел одговорноста за сигурноста односно дека ќе се погрижи сите авиони, хеликоптери и проектили стационирани на белоруска територија да останат приземјени за време на патувањето на украинската делегација, во текот на преговорите, како и за време на враќањето кон Киев.
Подоцна и украинскиот министер за надворешни Дмитро Кулеба на прес конференција порача дека подготвеноста на Русија да разговара без услови е победа за Украина.
-Одиме таму без претходни разговори, без прелиминарни договори за тоа што може да произлезе од овие разговори, одиме таму да слушаме и да кажеме што ние мислиме за оваа војна и акцијата на Русија. И во меѓувреме, од сега, па додека се случат разговорите, претседателот Лукашенко го увери претседателот Зеленски дека белоруските воени сили нема да бидат употребени против Украина. Но се до тој момент, ние ќе продолжиме да се бориме бестрашно, Дмитро Кулеба – Министер за надворешни работи на Украина.
Во меѓувреме рускиот претседател Владимир Путин, на состанокот со министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на вооружените сили Валериј Герасимов, рече дека наредил на руските нуклеарни сили да ја зголемат борбената готовност како одговор на она што тој ги нарече „агресивни изјави“ од водечките сили на НАТО.
-Западните земји не преземаат само непријателски економски акции против нашата земја. Лидерите на земјите од НАТО даваат агресивни изјави против нас.Им наредив на м инистерот за одбрана и началникот на вооружените сили рускиот нуклеарен арсенал да го постави на високо ниво на подготвеност, Владимир Путин – Претседател на Руска федерација .
Експресно одговори и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој изрази загриженост од одлуката на Путин да ги стави во специјална готовност силите за одвраќање на земјата порачувајќи дека таквата реторика е опасна.
-Ова е опасна реторика, ова е неодговорно однесување и секако доколку ја комбинирате оваа реторика со тоа што го прават на терен во Украина, водејќи војна против независна и суверена нација, спроведувајќи целосна инвазија врз Украина. Ова ја зголемува сериозноста на ситуацијата и тоа е причината зошто ние даваме поддршка на Украина, но и зошто последните недели и месеци значително го зголемивме присуството на НАТО во источниот дел на Алијансата, Јенс Столтенберг – Генерален секретар на НАТО.
Украина имаше тешка ноќ во која кулминираше битката за вториот по големина град во земјата Харков. Откако утринава агенциите јавија дека колона воена опрема на руските вооружени сили навлегла на улиците на Харков, тамошните медиуми објавија дека градот е повторно под украинска контрола.
И додека очите на светот се свртени кон најавените преговори меѓу Киев и Москва, населението од погодените области во Украина ја напушта земјата. Дел бегаат кон Полска и Унгарија но дел и одлучуваат да останат да се борат.
-Дојдоа во нашата земја и ги убиваат нашите луѓе. Ги уништуваат нашите градови и згради.
-На почеток бевме преплашени, но сега сме подготвени да се бориме.
Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека повеќе од 368.000 луѓе ја напуштиле Украина откако во четвртокот беше нападната од Русија.