Министерството за спорт вечерва ги додели наградите за најдобрите македонски спортисти, тренери и тимови за 2024 година. Спортист на годината е кикбоксерот Бобан Илиоски, а спортистка на годината е таеквондистката Милијана Релиќ.
Илиоски го освои 1-то место во категоријата до 86 килограми на Европското првенство во кикбокс маитаи, одржано во Атина, додека Релиќ стигна до четвртфиналето на Летните олимписки игри 2024 во Париз.
Во категоријата млад спортист на годината, наградата ја доби Силвио Мировски за неговото прво место во кикбокс маитаи во категоријата до 71 килограм на Светското првенство во Будимпешта. Млада спортистка на годината е ракометарката Ива Младеновска, која со својот тим го освои 18-то место на Европското првенство што се одржа во Унгарија, Австрија и Швајцарија.
Најуспешен машки национален тим е ракометниот национален тим-сениори, кој го освои 17-то место на Европското првенство во Германија. Најуспешен женски национален тим е ракометниот национален тим-сениорки, кој го освои 18-то место на Европското првенство во Унгарија, Австрија и Швајцарија.
Наградата за најуспешен спортист со инвалидитет ја доби стрелачката Оливера Наковска Бикова за нејзините две осми места во финалето на 10 метри воздушен пиштол и 25 метри спортски пиштол на Параолимписките игри 2024 во Париз.
Најуспешен тренер/селектор за 2024 година е Кирил Лазаров, кој ја водеше ракометната репрезентација, а најуспешна национална спортска федерација е Таеквондо федерацијата.
Признанието за најуспешен училишен спортски клуб од основните училишта го доби Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ од Скопје, а најуспешен училишен спортски клуб од средните училишта е Средното училиште „Јане Сандански“ од Струмица.
Најуспешна универзитетска екипа за оваа година е машката кошаркарска екипа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Специјално признание за достоинствено претставување на земјава на олимписките игри, светските и европските првенства, Лига на шампионите и на бројни меѓународни ракометни натпревари добија ракометните судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.
Откритие на годината за талентиран млад спортист кадет е Теодор Стојановски, кој освои сребрен медал на Европското таеквондо првенство за кадети.