Кина и САД објавија заедничка декларација за зајакнување на климатските активности во текот на 2020-тите, на тековната 26-та сесија на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (КОП26).

Двете земји се согласија да формираат работна група за подобрување на климатските активности во 2020-тите за промовирање на соработката за климатските промени.

– Објавувањето на заедничката декларација уште еднаш покажува дека соработката е единствениот вистински избор и за Кина и за САД. Работејќи заедно, нашите две земји можат да постигнат многу важни работи кои се од корист не само за нашите две земји, туку и за светот, изјави Кси Женхуа, специјален претставник на Кина за климатски промени на прес-конференција веднаш откако двете земји ја објавија декларацијата.

– Кога станува збор за климатските промени, има повеќе допирни точки меѓу Кина и САД отколку разлики, што ги прави област со огромен потенцијал за соработка, рече Кси, повикувајќи ги двете страни да преземат конкретни чекори за зајакнување на соработката по ова прашање.

Кина и САД, како две главни земји во светот, имаат посебна одговорност за светскиот мир и развој, рече Кси, повикувајќи ги двете земји да истражат повеќе можности за соработка.

На посебна прес-конференција, специјалниот пратеник на американскиот претседател за клима, Џон Кери, рече дека „соработката е единствениот начин да се заврши оваа работа“.

– Не можеме да ги постигнеме нашите цели ако не работиме сите заедно. САД и Кина мора да помогнат и да го покажат патот, додаде тој.