САД внимателно го набљудуваат развојот на настаните околу воинствената реторика на Русија со заканите за нуклеарен удар и наводите за „валкана бомба“ и тие закани ги земаме доста сериозно, изјави Џон Кирби од Националниот совет на безбедност на Белата куќа.

Во меѓувреме, елитната 101-ва воено-воздушна дивизија на армијата на САД, што минатата недела пристигна во Романија, викендов започна со воени вежби.

-Како што кажа и државниот секретар, нема апсолутно никаква вистина во руските наводи дека Украинците планираат и прават нешто поврзано со валкана бомба, изјави вчера тој во телефонски повик со новинарите.

Според него, „валкана бомба“ означува разорна детонација со конвенционален експлозив облагороден со нуклеарно, хемиско или биолошко оружје за да се предизвика што поголема штета кај противничките сили.

Кирби додаде и дека ништо во руските наводи не укажува дека има некаква подготовка од руската страна за употреба на нуклеарно оружје и дека ништо не индицира дека Русите прават „валкана бомба“.

-Нема никакви физички потврди за ова, рече тој и потврди дека нема промена и во состојбата и на американските нуклеарни сили.

Во врска со доаѓањето на 101-та воено-воздушна дивизија на армијата на САД во Романија и коментарите на некои американски медиуми дека службени лица кажале дека, ако биде наредено, американските војници се подготвени да влезат во Украина, Кирби изјави дека САД сè уште се држат до изјавата на претседателот Џо Бајден дека американски војници нема да учествуваат во војната во Украина.

-САД се фокусирани да ја помагаат Украина во својот воен напор. Дури откако украинскиот народ и Зеленски ќе одлучат да преговараат со Русите за некакво примирје, тогаш може да очекуваме да се случи некаков пробив.

Како што кажавме уште на почетокот на оваа војна, никакви преговори не се можни без учество на Украинците, кажа Кирби.