Завршена е реконструкцијата на училишната спортска сала во ООУ “Кузман Јосифовски Питу”. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го посети реновираниот oбјект каде е поставена нова ПВЦ подлога и е извршено молерисување. Со обновата на спортската сала се заокружува целосната реконструкција на ООУ “Кузман Јосифовски Питу”. Минатата година беше променета кровната конструкција, поставена нова термоенергетска фасада, изграден на лифт за децата со посебни потреби, пристапни рампи, специјални тоалети и паркинг места за овие лица, сензорна соба, со што ова е првото целосно инклузивно училиште во Скопје.

– Финализиравме со градежните работи за реконструкција на училишната спортска сала во ООУ “Кузман Јосифовски Питу” кои опфатија замена на стариот и дотраен под со современа ПВЦ подлога и молерисување на целиот простор. Со реализација на овој проект значително ги унапредивме условите за учениците за спортски активности и им овозможивме подобри можности за развивање на нивните способности и таленти. Покрај тоа, молерисување на салата придонесе и за подобра визуелна атрактивност на просторот. Реновирањето на салата е финалниот чекор во проектот за целосна реконструкција на овој училишен објект, во кој инвестиравме и во нов кров и во нова фасада на училиштето, но и во серија специфични проекти за децата со попреченост-изградба на лифт, пристапни рампи, специјални тоалети и паркинг места за овие лица, сензорна соба, по што ова стана првото целосно инклузивно училиште во Скопје. “Кузман Јосифовски Питу” претставува вистински одраз на нашата стратегија за унапредување на образованието и поддршка на развојот на нашите најмлади, поддршката на инклузијата и на лицата со посебни потреби, како и стимулирањето на развојот на спортот и подобрување на физичката активност кај децата.

Инаку, во изминатите две години целосно ги реконструиравме и спортските сали во ООУ ,,Невена Георгиева-Дуња”, ,,Партенија Зографски”, а започната е и изградбата на спортската сала во Пинтија, во склоп на училиштето ,,Рајко Жинзифов”.

Вложувавме и во изградба на спортски терени во училиштата, па така ООУ ,,Круме Кепески” доби ново фудбалско и детско игралиште, повеќе наменско и кошаркарско игралиште во ,,Партенија Зографски”, спортски терени во ,,Кирил Пејчиновиќ”, култната ,,Славија” стана модерен спортски комплекс, изградивме спортски центар во Пинтија, во Потстаница, спортско рекреативен центар во Дупки, во Оксиген итн…

Продолжуваме понатаму, бидејќи ова е насока кон која ќе се движиме и во периодот што е пред нас-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.