Довербата од граѓаните значеше и обврска да започнеме да го реализираме ветеното пред граѓаните и заедно со општинската администрација да создадеме услови за реализација на многу проекти кои имаат за цел, подобрување на квалитетот на живот на сите и развој на нашиот град Пехчево“, истакна градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански на настанот „100 дена локална власт – отчет на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, организиран во Кочани.
Китански посочи дека поради недомаќинското работење во минатото, сметка на општината е блокирана, а долгот е најгорливиот проблем со кој се соочува Општина Пехчево, бидејќи финансиската и материјалната ситуација во општината е клучното прашање.
Во неговиот говор градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански наведе и низа на проекти, кои ги реализирал во првите 100 дена на градоначалничката функција.
-Во изминатите 100 дена започнавме со објавување на тендери за изградба и реконструкција на улици и завршивме и неколку улици. Завршивме со изградба на крак од Ул. Бр. 2 и Ул. Бр. 3 во Село Црник. Преку бирото за регионален развој извршивме изградба на Ул. Бр. 4, каде предвидена е изградба и на потпорни ѕидови во Село Црник, посочи Китански.
Китански додаде дека Општина Пехчево преку фондот за техничка документација доби поддршка од УНДП за разрешување на приоритетни инвестициски проекти и предизвици на локалниот развој. Поддршката од страна на донаторите се состои од подготовка на техничка документација за реконструкција на прочистителна станица за вода за пиење. Крајниот резултат на проектирање на ова е нов модерен објект односно фабрика за вода во Пехчево.
Тој каже дека Во ОУ „Ванчо Китанов“ опремен е нов кабинет по природни науки и набавен е специјално дизајниран инвентар наменет за лабораторија по природни науки со цел непречено изведување на експерименти и подготвување проекти.
-Поставен е и систем за вршење видео надзор на локалитетот „Барски еко систем езерце“ во Пехчево со 24/7 часовна заштита за превенција од кражби, вандализам, уништување и друга форма на загрозување врз имотот и добрата, рече Китански.
Тој потенцираше и дека се поставени нови контејнери за комунален отпад на повеќе локации низ Општина Пехчево.
Во неговиот говор градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански истакна дека со отпочнување на градежната сезона Општина Пехчево ја очекува градежна експанзија.
-Во блиска иднина ќе започнеме со изградба на улици, поставување на урбана опрема за спортско рекреативниот центар во туристичката населба „Рамна Река“ во месноста викана „Бараки“, изградба на повеќе улици во сите селски населби, во Село Негрево изградба на два надворешни тоалети и поставување на олуци на објектот со доуредување на едукативниот центар за зачувување на природата, во подрачното училиште во Село Црник ќе се изградат два надворешни тоалети, уредување на парковите и детските игралишта во локалитетот „Езерце“ и централното градско подрачје, потенцираше Китански.