Прашањето „Што по војната“ се почесто се наметнува. Израел нема намера да воспостави административна контрола врз Појасот Газа и планира да ја предаде власта на локалната администрација по завршувањето на воената операција во енклавата. Планот го подготви военото раководство на земјата предводено од министерот за одбрана Јоав Галант, објави весникот „Ерусалим пост“.
Планот ќе ги интегрира постојните структури на цивилната администрација во Газа во поширока „локална влада“ која нема да вклучува поддржувачи на радикалното палестинско движење Хамас, кое имаше целосна контрола врз енклавата пред почетокот на борбите, се вели во публикацијата. „Хамас нема да владее со Газа, а Израел нема да има цивилна власт во Газа“, рече Галант пред состанокот на воениот кабинет на кој ќе се разговара за проектот.
Според весникот, нацрт-повоениот договор за Појасот предвидува неопределен период на транзиција во кој израелските одбранбени сили ќе ја задржат контролата врз безбедноста, вклучително и контролата на границите на енклавата и способноста да вршат рации во неа.
Се очекува да бидат вклучени и надворешни сили – САД, земјите од ЕУ, некои арапски земји, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Египет и ОАЕ, пишува весникот. Тие можат да учествуваат во внатрешната безбедност и управувањето со енклавата. Не е исклучено одредено учество на претставници на палестинската национална управа во повоениот процес во Газа, додава весникот, без да даде детали.