Повеќе градоначалници застанаа зад предлогот и училиштата да не плаќаат индустриска струја, туку да се тарифираат како домаќинства.

Најстудените месеци зимово учениците да ги поминат дома со онлајн настава, а распустот да почне порано – ова е само еден од предлозите на неколку градоначалници, со цел да се заштеди електрична енергија и да се намалат високите сметки за струја на училиштата кои им се зголемени за 4 пати. Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари за Канал 5 вели, дека позади овој предлог застанале повеќе градоначалници од полошкиот регион, но за реализација на мерката – ќе чекаат „амин“ од министерството за образование.

„Оваа учебна година да заврши на крајот на јули, а да започне на 15ти август следна учебна година, тоа е еден предлог и друг предлог да се одржи онлајн наставата барем ноември, декември, јануари. Ние нашиот предлог го пративме и до ЗЕЛС и до министерство и до денеска немаме никаков одговор, но имаме одговор од повеќе градоначалници кои се согласуваат со нашиот предлог. .“ изјави за Канал 5 Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар

Повеќе градоначалници застанаа зад предлогот и училиштата да не плаќаат индустриска струја, туку да се тарифираат како домаќинства.

А, на само неполн месец од стартот на грејната сезона, освен општините, спас од високите сметки за струја бара и стопанството. Се чека каков договор Владата ќе постигне со Бугарија и дали фирмите на отворен пазар би добиле струја по цена од 180 евра за мегават час. За, тоа, министерот Бектеши и денеска имаше онлајн состанок со бугарските колеги, но засега официјален договор со Бугарија нема.

Владата овие недели e растрчана по потрага на струја и гас. По Белград, Атина и Софија – следна дестинација е Турција, каде владин тим ќе оди веќе в четврток да преговара со турски Боташ за испорака на гас за претстојната зима.