Подигнувањето на свеста кај младите за значењето на шумските ресурси, заштитата на природата и животната средина беа главните теми на едукативните работилници во Крива Паланка. Овие активности беа реализирани од страна на извидничкиот одред „Наум Наумовски – Борче“ во рамки на проектот насловен како „Платформа за млади еко-активисти“.
Во текот на изминатите два месеца, во кривопаланечките основни училишта и во средното општинско училиште беа спроведени серија предавања и практични вежби. Проектот се реализираше со финансиска поддршка од Општина Крива Паланка, со јасен фокус врз превенцијата и опасностите што ги носат шумските пожари, како и конкретните мерки што треба да се преземат за нивно спречување.
„Преку теоретско предавање, едукативни игри и интерактивни активности, учениците имаа можност да се запознаат со важноста на шумите за животот на луѓето и животните, нивната улога во зачувувањето на природната рамнотежа и потребата од одговорно однесување кон природата. Посебно внимание беше посветено на опасностите од шумските пожари, причините за нивното настанување и мерките што треба да се преземаат за нивно спречување“, информира Ангеловска.
Учениците во текот на работилниците биле активни чинители и разговарале за сопствената улога во заштитата на животната средина и начините за зачувување на природните ресурси. Преку предвидените содржини тие ги проширија знаењата за екологијата и значењето на стекнувањето трајни навики за одговорно однесување кон природата.
На едукативните настани организирани од извидничкиот одред учествуваа околу 110 ученици, заедно со наставно-образовниот кадар од локалните училишта.
