– Северна Македонија има посебно место во моето срце за нејзините прекрасни луѓе со кои имав можност да се сретнам и за извонредното гостопримство во кое отсекогаш уживав во моите бројни посети. Знам дека постигнувањето независност на мирен начин е извор на особена гордост за сите вас, а особено сум горд што мојата земја Бугарија беше првата земја што ја призна независноста, вели Ќучук.

Овој ден не само што ја означува независноста на Северна Македонија, туку покажува, вели тој, и колку сте постигнале од 8 септември 1991 година.

– Вашата издржливост и успеси во последните три децении се од ваша сопствена одлука. Не дојдоа однадвор. Како и секоја млада демократска земја, поминавте низ тешки времиња, но денес, можете да славите поради единството и хармонијата меѓу луѓето. Северна Македонија стана успешен модел за мултиетничка коегзистенција и фактор на стабилност на Западен Балкан, посочува специјалниот известувач во Европскиот парламент Ќучук.

Тој дополнува дека со единство и почит еден кон друг, вредности кои се силно застапени во владата на премиерот Зоран Заев, напредокот е неизбежен.

– Веќе го проследивте вашиот стратешки пат со членството во НАТО и заслужено добиената покана за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија се историско достигнување и убеден сум дека ќе ја видиме Северна Македонија таму каде што припаѓа – како составен дел дел од европското семејство. Јас навистина верувам во светлата иднина на вашата земја, бидејќи успехот е во ваши раце и на помладата генерација, порачува Ќучук.