„Ние сме тука кај што сме затоа што никој не чувствува одговорност. Македонија е земја на неказнивост, земја во која никој за ништо не е одговара. Издавањето на пасош на странски државјанин лице кое е на црна листа на земја наш сојузник е во делокруг на одговорност на тој директор и тој директор треба да понесе одговорност без разлика чија е грешката. На крај грешката е на главниот, а главен е директорот во институцијата“, рече Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето во Тема на денот што се емитува во централниот Дневник на телевизија Сител коментирајќи го случајот со директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски кој кажа дека не чувствува одговорност за издавање на пасошот на лице кое е на црна листа.
„Ова не е прва грешка. Ние имавме и издавање на пасоши на стотина криминалци и се заврши со одговорност на службеници. Никој не може да дава пасош на милијардери. Не може да го направи тоа некоја од службите, а да нема дозвола од повисоките раководни позиции“, посочи Клековски.
Тој укажа дека вакви ќе бидат состојбите се додека Македонија е земја на неодговорност.
„Факт е дека они не се спремни да понесат одговорност, за мене скандалозно е и едното и другото. Протекување на снимки кои се тајна е скандал сам по себе. Но, ако видите на вестите денеска имаше само вести за скандал до скандал, им се закануваат на медицински лица, нема права на студентите, се планира затворање на ТЕЦ Неготино и РЕК Осломеј и слично. Оваа Влада гради систем за разградување, нема ни една добра вест“, заклучи Клековски.
Во тек на гостувањето тој се осврна и на аферата „Паразити“ и нагласи дека власта вработува свои партиски војници на сметка на граѓаните и ги наградува со енормни плати.
„Мора да има разумно трошење во државата не на штета на квалитетот, меѓутоа отстранување на се ова што е закачено како паразит на јавната администрација и на државата генерално. А, такви примери за жал има безброј. Слушаме дека треба 24.000 евра месечно за подобар студентски стандард, а има советници за кои не знаеме какви примања имаат“, истакна Клековски.
Клековски додаде дека во ситуација на рекорден буџет, на 5.4 милијарди евра не може да се крати од студентите.
„Јавна тајна е дека на државна служба имаме закачено бројни партиски службеници, не е само прашањето на високите плати во М-НАВ. Се сеќавате на вработените во министерството за политички систем, кои не одат на работа? Тие се се уште 1.400 на број и се уште не одат на работа. Зградата на министерството нема толку работни места. Значи зборуваме за нагрбување на државата со еден куп луѓе што не се неопходни “, појасни тој.