Недостигот на анестезиолози, радиолози и патолози е еден од најголемите предизвици во македонското здравство, но проблемот не може да се реши преку ноќ бидејќи специјализациите траат шест години, изјави министерот за здравство Сашо Клековски. Тој најави вработување на 300 млади специјализанти, проширување на Позитивната листа со современи лекови и видливи подобрувања во Клиничкиот центар во следните шест месеци.

Според Клековски, моделот со приватни специјализации воведен во 2017 и 2018 година не ги дал очекуваните резултати, бидејќи лекарите најчесто ги избирале специјализациите што ги посакувале, а не оние за кои здравствениот систем имал најголема потреба. Поради тоа, денес има повеќе кардиолози и специјалисти по пластична хирургија, но недостигаат патолози, анестезиолози и радиолози.

Министерот најави продолжување на инвестициите во јавното здравство, при што како врвен приоритет го посочи завршувањето на Клиничката болница во Штип и на другите болници опфатени со проектот. Паралелно ќе се подобруваат условите во Клиничкиот центар во Скопје и во останатите јавни здравствени установи.

„Продолжуваме со зголемување на бројот на здравствени работници. Значи, пред неколку години, пред Короната, имаше 20.000 здравствени работници во јавното здравство, 2024-та ја дочекавме со 18.000, 2025-та ја зголемивме на 18.900. Сега вработуваме 300 нови млади специјализанти. Се надевам конечно ќе се дозаврши процесот на вработување на договорците“, изјави Клековски.

Тој нагласи дека никој, а особено здравствен работник, не треба да биде ангажиран со договор на дело. Како еден од главните приоритети го посочи и подобрувањето на пристапот до терапија, бидејќи граѓаните плаќаат значителен дел од лековите од сопствен џеб.

„Ние имаме катастрофална состојба во однос колку граѓаните плаќаат од џеб за лекови. И тоа е врвен приоритет и тоа планираме понатаму да го работиме. Јас го најавив тоа како директор, сега можам да го потврдам и како министер – ќе има натамошно проширување на Позитивната листа со лекови кои се модерни и се поголемо оптеретување за буџетот на граѓаните“, рече министерот.

Новите лекови на Позитивната листа треба да опфатат и терапии наменети за превенција и спречување компликации. Клековски оцени дека здравствената политика мора повеќе да се насочи кон раното лекување и услугите на примарно ниво, наместо вниманието да биде насочено само кон нови згради и капитална опрема.

„Нема да биде едноставно, има објективни проблеми, меѓутоа работиме на тоа. Соодветен фокус ќе биде и подобрување на состојбите во Клиничкиот центар. Да, ние веќе работиме на нов, меѓутоа до новиот мора да има подобри услови, вклучувајќи и услови за закажување и за чекање во Клиничкиот центар. И сето тоа мислам дека можеме да го завршиме во наредните шест месеци – да имаме нови лекови на позитивна листа и да имаме видливи подобрувања во Клиничкиот центар“, изјави Клековски.